fbpx

Граѓаните на Струмица избраа три приоритетни развојни програми за наредната година

 Граѓаните на Струмица избраа три приоритетни развојни програми за наредната година

Во големата сала на Домот на АРМ синоќа се одржа првата сесија од програмата Форуми во заедницата – Буџетски форум во општина Струмица 2022/2023 година. На оваа сесија граѓаните од урбаните и месните заедници, претставниците на невладиниот и бизнис секторот имаа можност од градоначалникот Костадин Костадинов да слушнат за досегашната реализација на буџетот за оваа тековна година, но и неговата визија за развој на Општината во следната година.

На првата сесија беа избрани и трите приоритетни развојни програми: ЈПА – Капитални расходи за јавен превоз – организирање на јавен превоз на територијата на општина Струмица, ГДА – Енергетски ефикасни фасади – субвенционирање на енергетски ефикасни фасади како и поставување на фотоволтаици на институции под надлежност на општина Струмица и ЈНА – Урбана опрема – изградба на нова современа урбана опрема во градот и населените места и воведување на интегриран систем за управување со отпад со изградба на полуподземни контејнери кои ќе бидат наменети за селекција на отпад.

-Одлична е можноста граѓаните да имаат право преку ваквите форуми заедно да утврдуваме приоритети, сепак тука се и советниците, општинската администрација, а доколку станува збор за пообемен проект тука сме да се договараме и објасниме. Навистина е чест што Форумот во заедницата и креирањето на граѓанските буџети во Струмица преминува во традиција и чест е да се биде градоначалник на Струмица и чест е да се соработува со такви граѓани какви што ги имаме. Многу е важно да го имаме во предвид Законот за финансирање на единиците од локална самуправа затоа што навистина и јас како градоначалник и сите советници во Советот сакаме да има што е можно поголем број проекти и реализација, но Законот ни дозволува да имаме практично зголемување за само 10 посто, а основата да биде реализација на буџетот во претходните 3 години, тоа е закон што мора да го почитуваме, но затоа се форумите и јавните собири да ги утврдиме приоритетите за наредната 2023 година. Габаритот на проектите ќе зависи од тоа како ќе го димензионираме во рамки на самиот Форум во заедницата и секако соодветно на одлуките кои ќе се донесат на втората сесија, ние ќе ги димензионираме во рамките на буџетот. Веќе општина Струмица реализира сериозни, многу обемни капитални проекти, тука е социјалната населба, тука е мостот, новите улици, сето тоа се проекти коишто се од витално значење за граѓаните, но сепак остануваме посветени и подготвени, на крајот од денот јас како градоначалник мора да ја имам мојата визија за Струмица свесен за сите предизвици со коишто ќе се соочуваме, а за кои ќе ги запознаам и граѓаните како и за проектите кои природно ни се наметнуваат и сметам дека треба да бидат имплементирани и следствено на тоа ќе ги димензионираме. Ќе ја искористам приликата пред граѓаните да го кажам и концептот за јавниот превоз, знаете дека моите заложби како човек и како градоначалник се Струмица да биде прва во имплементацијата на целосен електричен јавен превоз што секако ќе ни помогне во апликацијата на проекти во европските фондови и други извори на финансирање и сметам дека таквата заложба треба да биде приоритет на граѓаните, но затоа се форумите, граѓаните да одлучуваат за својата општина. Јас сум оптимист дека граѓаните ќе дадат поддршка, после и Советот по одлуката на граѓаните ќе ја донесе вистинската одлука. Јас сум сигурен дека ќе ја дадат поддршката и ќе бидеме прв град во Македонија кој ќе го има тоа имплементирано, рече градоначалникот Костадинов во изјавата за медиумите.

Втората форумска сесија ќе се одржи вечерва со почеток во 18 часот во Домот на АРМ.

Share via
Copy link