„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Струмица ја одбележа 19-годишнината од загинувањето на претседателот Трајковски
-Колку и да сме свртени кон празникот Прочка, колку и да сме дел од еуфоријата од карневалските свечености, Струмица и струмичани не го забораваат својот сограѓанин, Претседателот Борис Трајковски, објави градоначалникот на Струмица на по повод 19-годишнината од неговата трагична смрт.
Пред споменикот „Македонија“, подигнат во чест на претседателот Трајковски, говореше градоначалникот Костадинов.
-Борис Трајковски беше државник со многу доблести, но пред се беше човек во вистинската смисла на зборот. Токму затоа велиме дека на денешен ден пред 19 години, изгубивме роднина, пријател, познаник, сограѓанин и претседател, кој со ретко видена мудрост и трпеливост, четири години ја вршеше највисоката државничка функција во земјата. Неговото раководење со земјава во еден извонредно тежок, сложен и сензитивен период за државата, остави неизбришливи траги во современата македонска историја. За него интересите на државата и интересите на граѓаните беа секогаш во преден план. Омилени дестинации му беа македонски градови и села, воспоставувајќи искрени и топли релации со граѓаните, но не збораваше и на релациите со високите државнички имиња од голем број земји од сите светски меридијани. Посебно значајна беше неговата улога за прифаќање на предизвикот околу смирувањето на тензиите во воениот конфликт во 2001 година. Успеа во тоа, ставајќи свој авторски потпис на Охридскиот рамковен договор. Со тоа, но и со редица други државнички ангажмани, покажа дека е Претседател на сите граѓани на Македонија, истакна Костадинов.
Членови на семејството Трајковски, пријатели, претставници на локалната самоуправа, политички партии и здруженија на граѓани со положување цвеќе и поклонување пред неговиот споменик ја искажаа својата почит.
Венци пред споменикот положи и владина делегација предводена од министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и Борче Хаџиев, директор на Бирото за јавни набавки, како и членови на Европската федерација на карневалски градови (FECC), која престојува на Струмичкиот карневал.