fbpx

Првиот човек на хуманитарните Лајонси во Македонија

 Првиот човек на хуманитарните Лајонси во Македонија

Претседателот на Меѓународната асоцијација на Лајонс клубови, Брајан Шихан допатува во Македонија за одбележување 25 години дејствување на оваа светска хуманитарна организација во нашата земја.

Во дводневната посета, Шихан ќе оствари средба со лајонсите, со гувернерот на Лајонс дистрикт 132 Северна Македонија, Гоце Бурзевски, со претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски и ќе учествува на свечена академија по повод 25 години лајонизам.

„Во Македонија одбележуваме 25 години Лајонизам, одбележуваме две и пол децении ширење на добрите дела и поттик другите да прават добро. Наша обврска е да правиме уште поголемо добро. И покрај сите тешкотии, во нас, лајонсите, преовладува добрината, желбата и мотивот да им помогнеме на оние на кои им е потребна нашата поддршка, нашиот добар збор, пар чевли, топли обувки, прегратка и насмевка. Навистина сум радосен и пресреќен што на овој, за нас свечен јубилеј, го имаме и меѓународниот претседател Шихан, кој со своето присуство ја потврди важноста на нашиот Дистрикт 132 во светското семејство на лајонсите“, вели гувернерот на Лајонсите, Гоце Бурзевски.

Лајонсите се локален лидер во служење на заедницата и грижа за ранливите групи. Лајонс дистриктот 132 Северна Македонија е претставник на најголемата организација на сервисни клубови во светот. Со своите 30 клубови и околу 500 членови, Лајонс дистриктот 132 соодветно служи на локалната заедница и помага на сите граѓани. Мото на лајонсите е „СЛУЖИМЕ“. Лајонсите од Д132 заедно со нивните пријатели ширум светот служат обединети во пет глобални кампањи: заштита на видот, помош на социјално загрозените, заштита на животната средина, поддршка во справување со педијатрискиот канцер, како и превенција и поддршка при справувањето со дијабетот.

Нашиот дистрикт е дел од светската Меѓународна асоцијација на лајонс клубови која има повеќе од 1,4 милиони членови, во 48.000 клубови, во 210 држави и географски региони во светот дејствуваат на истата едноставна идеја – Лајонсите здружени за доброто на човештвото можат да постигнат сé!

Share via
Copy link