„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Советот на Општина Струмица донесе одлука за ребаланс на буџетот
Советот на општина Струмица денеска ја одржа 29-та седница на која беше усвоена Одлуката за измена и дополнување на Буџетот на општина Струмица за 2023 година.
Неопходноста од овој ребаланс се јави поради доставените барања од буџетските корисници кои се финансираат со блок-дотации, донации и самофинансирање, за нивно непречено работење, како и со некои нови приоритети на граѓаните за кои е неопходно усогласување на донесените буџетски програми.
На дневен ред пред советниците беше и Физибилити студија за поставување и одржување на кровни фотоволтаици на објекти во сопственост на општина Струмица, а усвоени беа и одлуките за прифаќање на донација на електрични возила за превоз и полначи за електрични возила, формирање на Партиципативно тело од областа на урбанизмот на општина Струмица и избор на членови на истото, измена на Одлуката за авто-такси превоз на патници на подрачјето на општина Струмица и одлуката за ставање во мирување на подрачното училиште во с.Попчево при ООУ„Маршал Тито“ Струмица.
Советниците ги изгласаа и одлуките за давање на трајно користење на полуподземни контејнери на ЈПКД „Комуналец“, дополнување на одлуката за утврдување на цените на услугите за собирање, транспортирање и депонирање на комунален отпад на подрачјето на општина Струмица и ценовникот за вршење на работи на „Комуналец“ за 2023 година, како и програмите за измена и дополнување на програмите за работа на јавните претпријатија „Паркиралишта“ и „Струмица-гас“ за 2023 година и одлука за задолжување на ЈПЕД „Струмица-Гас“ за рамковен кредит од 20 милиони денари за обезбедување обртни средства за набавка на природен гас.
Усвоен беше и анексот на годишната програма за работа на СОУУД „Димитар Влахов“ за учебната 2023/2024 година, како и одлуката за доделување парична помош на Миле Мукановски од село Куклиш, решението за именување на член во Управниот одбор на ЈОУДГ „Виножито“ и повеќе одлуки од областа на урбанизмот.