„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје со нова програма за дигитално земјоделство
Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ) отвора нова студиска програма по Дигитално земјоделство. Програмата има мултидисциплинарен пристап и се реализира во тесна соработка со Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ, Факултетот за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ и Машинскиот факултет – МФ, сите во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Акцентот на студиската програма е ставен на применетиот аспект на знаења и вештини што ги стекнуваат студентите, односно покрај познавање од земјоделските науки и храната, идните студенти ќе се стекнат и со експертиза во областа на информатичките технологии и дигитализацијата.
Новата студиска програма ќе одговори на секојдневните предизвици во земјоделството и во производството на храна и претставува резултат на барањата и потребите на стопанството да се осовременат студиските програми на ФЗНХ. Во таа насока, Факултетот со новите акредитации воведува и задолжителен предмет Стручна пракса која ќе се реализира во соработка со стопанството. Исто така, ќе продолжи да оформува академски профили, кои со својата стручност ќе бидат способни да одговорат на барањата на современото земјоделско производство. Новите кадри ќе треба да го одржат и развијат домашниот земјоделски сектор.
“Студиската програма по дигитално земјоделство има цел да создаде дипломирани земјоделски инженери кои треба во следните години да го прилагодат земјоделскиот сектор во нашата држава кон новите модерни трендови и примената на дигиталните технологии, со што ќе придонесат за поефикасно и профитабилно земјоделско производство, конкурентно не само на нашиот, туку и на меѓународниот пазар. Оваа студиска програма ќе помогне во изградбата на нова генерација висококвалификувани млади професионалци со мултидисциплинарни знаења и вештини, способни за воведување применливи решенија и иновации во оваа значајна индустрија, но и во согласност со целите на стратегијата за паметна специјализација”, вели поранешниот декан и еден од иницијаторите за креирање на оваа програма, професор д-р Вјекослав Танасковиќ.
Преку оваа студиска програма се очекува да се продлабочи соработката меѓу академијата и бизнисот и да се развие човечкиот капитал со вештини за иновации во земјоделскиот сектор. Вклученоста на бизнис секторот во оваа студиска програма е клучна за нејзиниот успешен развој, поради што ФЗНХ и нуди различни начини за соработка со бизнис заедницата. Според проф. Танасковиќ, соработката со домашните стопанственици ќе помогне да се искористи потенцијалот на оваа студиска програма и да го претворат дигиталното земјоделство во реалност.
Инаку, за успешното реализирање на програмата, заедно со поддршката од неколку меѓународни соработки (IME, GIZ и SWG RRD) отворена е и нова Лабораторија за дигитално земјоделство. Оваа лабораторија е клучна за наставата на новата студиска програма по Дигитално земјоделство, но ќе се користи и за потребите на истражувачката дејност, како во функција на соработката со бизнис секторот и институциите, вели професорот Танасковиќ.
Факултетот ги поканува матурантите да се запознаат со новите и постојните студиски програми на ФЗНХ и преку упис да станат дел од иднината на одржливото производство на храна и заштитата на природните ресурси. Новата студиската програма за Дигитално земјоделство на Факултетот за земјоделски науки и храна во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е развиена со поддршка од Владата на Швајцарија преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) спроведена од групацијата Паладиум, Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) и Постојаната работна група за регионален рурален развој (ПРГ РРР).
На следниот линк може да се дојде до видео со објаснување за програмата за Дигитално земјоделство: http://www.fznh.ukim.edu.mk/mk/digitalno-zemjodelstvo.html
ПР објава