АП Брера загуби од Скопје во баражот и се сели во Втора лига
АП Брера загуби од Скопје во баражот и се сели во Втора лига

Струмица следната сезона останува без претставник во фудбалската елита, откако екипата на АП Брера го загуби прволигашкиот статус.
Во решавачкиот бараж натпревар одигран во Битола, струмичани претрпеа минимален пораз од 1-0 од досегашниот второлигаш Скопје. Со овој епилог, двете екипи си ги заменуваат улогите – Брера од есен ќе се натпреварува во вториот ранг на македонскиот фудбал, додека тимот од Автокоманда влегува во Првата лига.
Дуелот на стадионот во Битола донесе тврд натпревар и максимално израмнета борба во текот на сите деведесет минути.
Фудбалерите на Брера одлично парираа, но целата драма која го реши патникот се случи во самата завршница од средбата.Клучните моменти се одиграа во последните пет минути. Во 86. минута струмичани добија „втора шанса“ откако играчот на Скопје, Ангелов, не реализираше пенал. Но, надежта дека Брера ќе се одбрани и ќе се избори барем за продолженија траеше многу кратко.
Веќе во 89. минута, по изведен корнер од десната страна, Трајчевски најдобро се снајде во шеснаесетникот на Брера и со помош на стативата ја смести топката во мрежата.
Овој гол значеше крај на прволигашката приказна за струмичкиот тим оваа сезона.