БАКАРОТ ДОМИНИРА СО 19 ОД НОВИТЕ 46 СТРАТЕШКИ ПРОЕКТИ НА ЕУ Ќе се ископува од Шведска до Грција, но не и во Македонија иако има проект како Иловица

 БАКАРОТ ДОМИНИРА СО 19 ОД НОВИТЕ 46 СТРАТЕШКИ ПРОЕКТИ НА ЕУ Ќе се ископува од Шведска до Грција, но не и во Македонија иако има проект како Иловица

Production of copper wire, cable in reels at factory. Cable factory. Close up.

Додека во Македонија нов рудник не е отворен во последните четириесет години, новите 46 стратешки проекти кои ги дефинираше Брисел опфаќаат различни фази од синџирот на суровините: осум се однесуваат на ископ, 11 на преработка, а 19 се проекти за рециклирање.

Дури 19 од новите 46 стратешки проекти на Европската Унија кои се однесуваат на критичните суровини го вклучуваат бакарот како метал. Од друга страна, Македонија иако лежи на бакар, не ги вклучува сопствените ресурси во светската трка за критични минерали. Најнапреден домашен проект е рудникот за бакар во „Иловица-Штука“. Последно, проектот беше мета на критики од дел од активисти при последната јавна расправа за нацртот на Просторниот план на Македонија, но пак доби поддршка од локалната иницијатива „И здравје и работа“. Оттаму соопштија дека во услови на растечка потреба од бакар и други суровини, Македонија треба сериозно да го анализира сопствениот потенцијал и можностите за негово одговорно искористување.

„Кога дебатата за рударството се сведува на политички пароли и категорично отфрлање на нови инвестиции, без сериозно разгледување на фактите, државата ризикува да се откаже од развојни можности, а граѓаните од потенцијални работни места и економски перспективи“, соопштија од локалната иницијатива.

Додека во Македонија нов рудник не е отворен во последните четириесет години, новите 46 стратешки проекти кои ги дефинираше Брисел опфаќаат различни фази од синџирот на суровините: осум се однесуваат на ископ, 11 на преработка, а 19 се проекти за рециклирање. Покрај тоа, постојат осум интегрирани проекти: три што ги комбинираат ископот и преработката и пет што ги комбинираат преработката и рециклирањето. Сите овие проекти од вториот повик на Унијата за нови рудници и центри за преработка и рециклажа ќе имаат механизми за финансирање со европски пари, а дозволите ќе се издаваат по забрзана процедура во согласност со Актот за критични суровини на ЕУ.

„Комисијата ги оцени тие пријави во однос на нивниот придонес кон безбедноста на снабдувањето на Унијата со стратешки суровини, техничката изводливост, одржливото спроведување и прекуграничните придобивки“, соопштија од ЕК.

Во проектите доминира бакарот. Овој метал ќе се експлоатира од рудници во Грција (проектот „Скуриес“), Шпанија (проектот „Кобре Сан Рафаел“), Финска (проектот „Суханко“ и проектот за рудникот „Хауталампи“), Полска ( проектот за рудник „Ретков-Гродишче“) и Шведска (проектот за рудник „Вискарија“). Бакар ќе се преработува и во Бугарија (проект Пирдоп) и Белгија (проект OREON), а ќе се рециклира во уште единаесет постројки во Полска, Италија, Германија, Грција, Белгија и Холандија.

– Со овој втор бран на стратешки проекти, Европа ги засилува своите напори како никогаш досега за да ја врати својата сувереност над критичните суровини. Ги користиме сите расположливи средства за отворање на рудници, развивање на нашите капацитети за преработка и рециклирање и обезбедување на нашите синџири на снабдување. Нашиот пристап е едноставен: намалување на зависноста и зголемување на производството во Европа. Ги имаме ресурсите, проектите и финансиските средства – сега го забрзуваме темпото – изјави Стефан Сежурне, извршен потпретседател на ЕК за индустриска стратегија.

Македонија се очекува да препознава стратешки проекти во рударството по усвојувањето на најавените нови закони за рударство и за геологија, кои предвидуваат и Листа на критични минерали. Претходно од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информирајќи за усвоената Стратегија за минерални суровини 2026-2046, истакнаа дека Македонија располага со разновиден геолошки потенцијал, меѓу кој има олово, цинк, бакар, злато, антимон и никел, како и мермер, травертин, гранит и варовник.

„Еден од главните приоритети е поголем дел од економската вредност да се создава во земјата. Тоа подразбира поголема поврзаност на рударството со домашното производство, развој на преработувачки и други индустриски капацитети и примена на современи технологии. Паралелно, се поставуваат повисоки стандарди за заштита на животната средина, транспарентност и заштита на јавниот интерес. Стратегијата е усогласена со европските политики, вклучително и Европскиот акт за критични суровини, што создава можности за поголемо вклучување на Македонија во европските индустриски синџири“, соопштија од Министерството.

Инаку, стратешките проекти на ЕУ утврдени со првиот повик во 2025 година веќе напредуваат кон целта да станат оперативни. Досега, 25 стратешки проекти ја завршиле проценката на влијанието врз животната средина, а 17 добиле градежна дозвола, благодарение на постоењето на единствени контакт-точки во земјите на Унијата кои помагаат да се забрзаат постапките за издавање дозволи.

(преземено од www.plusinfo.mk, линк од објавата: БАКАРОТ ДОМИНИРА СО 19 ОД НОВИТЕ 46 СТРАТЕШКИ ПРОЕКТИ НА ЕУ Ќе се ископува од Шведска до Грција, но не и во Македонија иако има проект како Иловица – plusinfo.mk)

Share via
Copy link