„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Владо Милев се врати во Џио Струмица
Македонскиот одбојкарски репрезентативец Владо Милев потпиша договор со матичниот клуб Џио Струмица и по тринаесетгодишна интернационална кариера повторно ќе игра во нашиот домашен шампионат, објави Одбојкарската федерација на Македонија на својата официјална страница.
Покрај тоа што ќе биде големо играчко засилување за најуспешниот тим во последната деценија кај нас, Милев ќе ја извршува и функцијата спортски директор, обидувајќи се да го пренесе своето искуство во исполнувањето на стратешките интереси на клубот.
Откако ја напушти Џио Струмица во 2007-ма, Милев ја градеше клупската кариера во 11 клубови во девет земји. Во репрезентативниот сегмент, одбојкарот којшто игра на позиција примач, беше дел од сите успеси на македонскиот национален состав во последните години. Лани Милев имаше одлични бројки во нашето дебитантското учество на европските првенства, во групата во Љубљана, а претходно на неговите гради завршија три сребрени медали од Европската лига во периодот од 2015-та до 2017-та.
Според најавите од Џио Струмица, по ангажманот на 33-годишниот Милев, клубот ќе направи напор да потпише со уште неколкумина репрезентативци, а од претстојната сезона најавува посериозни вложувања во младинските категории преку почетна селекција на таленти од струмичкиот регион и ангажирање тренерски тим којшто ќе се грижи за нивниот развој.
Џио Струмица има амбиција да се врати на европската сцена по подолго време, односно да ја искористи можноста за учество во Челенџ купот на ЦЕВ. Според клупскиот рејтинг којшто се гради врз база на резултатите од минатите сезони, македонската одбојка има право на по еден учесник во машка и во женска конкуренција во Челенџ купот, а со специјална дозвола на ЦЕВ постои можност да се пријави уште по една екипа.