fbpx

Обид за убиство во канцеларија на извршител во Гевгелија

 Обид за убиство во канцеларија на извршител во Гевгелија

Основното јавно обвинителство Гевгелија донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице , поради постоење основано сомнение дека го сторило кривичното дело – Убиство од член 123 став 3 во врска со член 19 од Кривичниот законик, соопштија денес од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Осомничениот на 29.10.2020 година, во канцеларија на извршител во Гевгелија, со умисла се обидел да лиши од живот две лица со кои се сретнал по претходен договор за регулирање на начинот и рокот на исплата на негов долг. Додека траело излагањето на оштетениот – адвокат, осомничениот ја затворил вратата од канцеларијата, извадил пиштил и го вперил во доверителот – лицето кон кое го имал долгот. По реакција на адвокатот, осомничениот го вперил пиштолот и кон него, но адвокатот успеал да ја фати раката на осомничениот и да го насочи пиштолот кон подот,  по што настанала турканица и борење по подот. Во меѓувреме другиот оштетен и вработените од извршителската канцеларија ја напуштиле просторијата. Додека траела борбата, осомничениот со левата рака се обидел да го репетира пиштолот. Откако оштетениот адвокат му ветил на осомничениот дека нема да го пријават, борбата престанала и осомничениот го напуштил местото на настанот.

Бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство на осомничениот, поради  основан страв дека ќе ги сокрие или уништи трагите на кривичното дело или ќе ја попречува кривичната постапка со влијание  врз сведоци, како и можност да го повтори кривичното дело, надлежен јавен обвинител до Судот достави предлог за определување на мерката притвор за осомничениот.

Судијата на претходна постапка при Основниот суд Гевгелија го прифати предлогот на обвинителството и на осомничениот со решение му определи притвор во траење од 30 дена.​

Share via
Copy link