„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Четврто финале за македонските одбојкари во Европската лига
Шесто полуфинале во Европската лига и четврта победа во него за македонските одбојкари, овој пат против Хрватска со 3:2 (15:25, 25:19, 25:22, 21:25, 15:12). Првиот натпревар од годинашниот завршен турнир во салата „Парк“ беше исцрпувачки во сите елемнти, почнавме лошо поради психолошкиот товар дека сега е крајно време да го освоиме точку посакуваниот златен медал, противникот имаше одличен блок, се бранеше на ниво, ги покриваше нашите напади, а ние го немавме посакуваниот прием. Но наоѓавме начин, најпрво да се вратиме од негатива во втриот сет од 11:6 кога Филип Деспотовски го замени Ѓорѓи Ѓорѓиев на позиција техничар, со Стојан Илиев како алтернатива на Владо Милев, кој се повреди на крајот на третиот сет, како и со Васе Михаилов кој успеа да го стабилизира приемот во клучните моменти во петтиот сет.
Никола Ѓорѓиев го предводеше нашиот тим, двоцифрени беа Александар Љафтов и Филип Маџунков, но општ е впечатокот дека денешната победа над Хрватска, втора во четвртиот меѓусебен дуел, е одраз на колективниот придонес на теренот. Поради тоа, Македонија ќе игра четврто финале во Европската лига, а прво откако ова натпреварување на ЦЕВ се нарекува Европска сребрена лига.
Утре од 20 часот во Струмица, црвено-жолтите ќе сервираат против подобриот од натпреварот меѓу Данска и Унгарија, а преносите од соочувањата за златото, како и за бронзата ќе бидат на МРТ-3 каналот.
Извор: Одбојкарска федерација на Македонија