fbpx

Време е за злато, македонските одбојкари ќе играат со Хрватска за четврто финале во Европската лига

 Време е за злато, македонските одбојкари ќе играат со Хрватска за четврто финале во Европската лига

Трите порази во финалните натпревари во периодот од 2015 до 2017, како и неуспехот на завршниот турнир во Скопје пред три години, создаваат притисок дека е крајно време златото да блесне на градите на македонските одбојкари. Ако се суди според квалитетот, црвено-жолтите се фаворити во пресрет на последните четири натпревари од Европската сребрена лига 2021. Во салата „Парк“ во Струмица, Македонија денеска ќе игра со Хрватска, а во второто полуфинале на завршниот турнир ќе се сретнат Данска и Унгарија. Против две од овие репрезентации имаме позитивен ефект, а единствено Хрватите можат да се пофалат дека имаат повеќе победи во меѓусебните пресметки. Но тоа е само уште еден мотив повеќе пред денешното соочување.

„Хрватска ја познаваме многу добро, јас играв таму, а пред три години бевме поразени во полуфиналето иако ги добивме првите два сета“, нашиот примач Александар Љафтов се сеќава на натпреварот во полуфиналето во 2018 по којшто Хрватите станаа првата селекција со златен медал во Европската сребрена лига. „Тие сега се со подмладен состав, но тоа не треба да биде мамка за нас, ние сме доволно искусни, играме подобро и покажавме дека напредувавме во последните неколку години“, вели Љафтов, еден од петтемина македонски одбојкари коишто беа во националниот состав на сите досегашни пет настапи во Европската лига. Кај Хрватска, во споредба со тимот од пред три години, тука се петмина играчи, но го нема коректорот Лео Андриќ, кој во „Кале“ одигра извонреден турнир.

Сите клучни податоци посочуваат дека Македонија е фаворит не само во денешното полуфинале, туку и за златото, но останува задачата да се одработи докрај, а за да се случи тоа, потребни се само уште две победи, првата во шестото полуфинале за нас во натпреварувањето на ЦЕВ. Преносите од денешните натпревари во Струмица се на МРТ-3 од 16 часот и 50 минути.

Извор: Одбојкарска федерација на Македонија

Share via
Copy link