„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
ДИК: Лицата во самоизолација и карантин можат да се пријават за гласање до утре на полноќ
Државната изборна комисија (ДИК) изработи посебна интернет страница преку која лицата кои се во домашен карантин или на кои им е одредена мерка за самоизолација поради коронавирусот можат да се регистрираат за гласање на претстојните парламентарни избори.
Рокот за пријавување на граѓаните кои се во карантин или изолација, според упатството на ДИК, истекува утре (8 јули) на полноќ. Граѓаните кои по 8-ми јули ќе се заразат со коронавирусот, или ќе добијат решение за самоизолација, нема да може да гласаат на овие избори.
Инаку, граѓаните регистрирањето можат да го направат целосно електронски, а при пријавувањето од нив ќе биде барано електронски да достават копија од личната карта и копија од решението за карантин или самоизолација издадено од Државен санитарен и здравствен инспекторат. За полесно прикачување на бараните документи, од ДИК препорачуваат веб апликацијата граѓаните да ја користат од нивниот мобилен уред, со кој при пополнувањето на податоците на едноставен начин, преку сликање на копиите од документите, ќе може да се прикачат.
Граѓаните кои се во домашен карантин или во самоизолација ќе гласаат на 13-ти јули.
На денешната седница ДИК најави дека утре ќе организира симулација на безбедно гласање на едно избирачко место на кое што ќе бидат поканети сите медиуми. Исто така, беше најавено дека граѓаните на изборите на 15 јули ќе можат да гласаат со истечен пасош имајќи предвид дека тие ќе имаат важност до 30 јули. Членот на ДИК, Борис Кондарко, пак, информираше дека на гласање граѓаните нема да смеат да одат со маски на кои што ќе има амблеми на политички партии, бидејќи тоа ќе се третира како агитирање на избирачкото место што е забрането со закон.
ДИК на денешната седница вршеше избор на нови членови на местата на оние лица кои барале изземање од ОИК или од избирачките одбори. До ДИК има пристигнато голем број барања за изземање од здравствените работници кои ќе бидат ангажирани на 13 јули за гласањето на лицата со ковид-19 и во самоизолација. Во овие посебни избирачки одбори се избрани 300 здравствени работници. Имало 80 оправдани барања за изземање и 20 неоправдани.