fbpx

Карневалџиите ја „презедоа“ власта во Струмица

 Карневалџиите ја „презедоа“ власта во Струмица

Од вечерва „нова“ локална власт во Струмица се струмичките карневалџии. Градоначалникот Костадин Костадинов симболично им ја предаде власта со предавање на клучот од Општината пред влезот во општинската зграда и на тој начин беше означен почетокот на осумдневните карневалски празнувања во градот под Царевите Кули.

Градоначалникот Костадин Костадинов му го предаде клучот на градот на претседателот на Организациониот одбор на Струмичкиот карневал, Александар Цицимов, со што на симболичен начин им ја предаде власта и управувањето со градот на струмичките карневалисти.

-Има една струмичка народна мудрост која вели: „Ка ќе чукне тапано, тава значи оти свадбата е почнана“. Денес „чукна тапанот“ за почеток на карневалските свечености во нашиот град. Улогата на тапанот и овојпат ја имаше клучот на градот, кој со задоволство им го предадов на струмичките карневалисти, за да бидат локална власт во наредните осум дена, колку што ќе траат свеченостите.Ако „денот по утрото се познава“, ако се суди по позитивната енергија и убавиот амбиент на струмичкиот плоштад исполнет со среќни и насмеани лица, со звуци од химната на Струмичкиот карневал, и со танцот на струмичките мажуретки, тогаш имаме право да се надеваме дека ќе имаме убави карневалски свечености. Се разбира од се што ќе биде убаво, очекуваме најубаво да биде во сабота на големиот Струмички карневал на кој ќе продефилираат бројни маски од земјата и странство.Што се однесува до клучот на градот, го замолив господинот Цицимов како претставник на струмичките карневалисти, да ја чуваат Струмица и културните вредности добиени во наследство од нашите предци, објави Костадинов.

 Во рамките на првиот ден од карневалските свечености кои ќе траат осум дена , поставена е и изложбата на карневалски маски на СОУ „Јане Сандански“ , а за утрешната програма се предвидени објавувањето на резултатите од конкурсот на ЛУБ „Благој Јанков – Мучето“  за најдобри литературни остварувања на тема „карневал“, концертот под маски на музичкото училиште „Боро Џони“ и отворањето на изложбата „30 години во FECC“.

Share via
Copy link