fbpx

Македонските одбојкари од Струмица тргнуваат по злато во ЦЕВ Европската сребрена лига

 Македонските одбојкари од Струмица тргнуваат по злато во ЦЕВ Европската сребрена лига

Со големи амбиции и нескриени желби четирите национални тимови од денеска до недела ќе го одиграт првиот турнир во групата „А“ од ЦЕВ Европската сребрена лига 2021. Секој од нив посакува да се врати во салата „Парк“ во Струмица за завршниот турнир на 5 и на 6 јуни, а знаејќи каква е конкуренцијата, тоа воопшто нема да биде лесна задача.

Македонските одбојкари важат за фаворити со оглед дека се единствени во групата со обезбеден пласман на претстојното Европско првенство, квалификациите беа непремостлива пречка за Израел и за Кипар, а Данска ќе биде исклучително мотивирана да оствари позитивен резултат затоа што по подолго време се враќа на терените откако не учествуваше во квалификациите за континенталниот самит. Во денешното прво коло, Кипар ќе игра со Данска, а Македонија со Кипар.

Нашиот состав е најдоброрангиран, на минатите натпревари оствари победи против репрезентации со реноме како Словенија, Турција и Белорусија, а во составот го има капитенот Никола Ѓорѓиев кој во долг времески период имаше интернационална кариера за почит. Сепак, победите не се добиваат на подарок, дури и во натпревари на домашен терен, или, пак, во ситуација кога црвено-жолтите сигурно ќе бидат полуфиналисти затоа што ОФМ ја одби довербата на ЦЕВ да го организира завршниот турнир.

„Ние сме во одлична серија резултати. Ако се сметаат натпреварите на дебитантското европско првенство за нас, во 2019 во групата во Љубљана, како и квалификациите за претстојното во септември, ние имаме пет победи на последните шест меча. Тоа е обврска за нас да играме максимално и во групната фаза од Европската сребрена лига, а потоа на завршниот турнир да дојдеме до златниот медал. Тоа ќе биде одлична најава за Европското првенство 2021“, вели македонскиот капитен Никола Ѓорѓиев, кој досега трипати го предводеше тимот во финалето на Европската лига, но ниту еднаш до победа.

Словенија, Естонија и Украина беа подобри во финалните натпревари од 2015 до 2017 година. Наредната година, на завршниот турнир во Скопје, македонската репрезентација не го мина полуфиналето на домашен терен иако водеше против Хрватска со 2-0 во сетови. Во годината кога првпат беше организирана Европската сребрена лига, македонските одбојкари завршија на четвртото место што беше недоволен резултат, па сегашното натпреварување е нова шанса за да се направи толку посакуваниот чекор. Со оглед на сите околности, златото е единствениот резултат што македонскиот тим ќе го смета за успех по 46 досегашни натпревари во Европската лига со биланс 32 победи и 14 порази.

Другите репрезентации од групата „А“ немаа олку значајни резултати ниту во Европската сребрена лига, ниту во квалификациите за континенталните собири, а и против Македонија имаат негативен биланс во меѓусебните пресметки. Но и тие имаат свои планови, а турнирот во Струмица ќе ги даде првите показатели за тоа дали очекувањата се реални или ги надминуваат можностите.

(Извор: Одбојкарска федерација на Македонија)

Share via
Copy link