Од задутре почнува струмичката карневалска треска
Денеска во струмичкиот Младински центар, се одржа прес конференција по повод претстојните карневалски свечености во Струмица, на која зборуваа покровителот на Струмичкиот карневал и градоначалник на Општина Струмица Костадин Костадинов и претседателот на Организациониот одбор на Струмичкиот карневал, Александар Цицимов.
Градоначалникот Костадинов го изрази задоволството од успешното негување на вековната традиција на празнување под маски во Струмица, истакнувајќи дека Струмичкиот карневал е еден од најзначајните културни настани во државата. Тој најави дека осумдневните карневалски свечености ќе започнат в среда, на 13 март, со предавање на клучот на градот, од негови раце во рацете на струмичките карневалисти, а ја искористи можноста и да го најави познатиот македонски шоумен Игор Џамбазов како водител на струмичкиот карневал.
Претседателот на ОО на Струмичкиот карневал Александар Цицимов, стави акцент на големиот интерес за учество на карневалот, истакнувајќи дека дел од гостите ќе бидат сместени и во соседните градови Радовиш, Валандово и Дојран. Тој прецизираше дека во интернационалното карневалско дефиле ќе учествуваат 49 карневалски групи, од кои 20 се гости од Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Грција и Бугарија, а ќе учествуваат и групи од македонските градови Куманово, Пробиштип и Кавадарци. Имајќи во предвид дека во рамките на карневалските свечености ќе биде одбележан и јубилејот – 30 години од приемот на Струмица во Федерацијата на европските карневалски градови – FECC, годинава на Струмичкиот карневал ќе има голем број гости од FECC од повеќе европски земји.