ЗЛР „Рибар Струмица“ на 27 октомври организира акција за чистење отпад на брана „Водоча“
Одбележани 79 години слободна Струмица
Денеска се навршуваат 79 години од ослободувањето на Струмица. Овој најголем празник за струмичани беше одбележан со пригодна свеченост којашто се одржа на Спомен костурницата.
За историското значење на овој ден и за придобивките што тој на градот му ги донесе во изминатите 79 години, пред присутните на одбележувањето зборуваше градоначалникот Костадин Костадинов, кој меѓу другото рече:
-Слобода“, тоа не е само обичен збор напишан на хартија или едноставно изговорен. Слобода е нешто многу повеќе од тоа. Тоа е нешто што треба да се чува како најголемо и најдрагоцено богатство. Струмица и струмичани треба да бидат среќни што ја имаат таа слобода цели седум децении и девет години. Но Струмица и струмичани треба да знаат и дека таа слобода не паднала од небо, ниту пак некој туку така им ја подарил. Струмица и струмичани мора да ги повторуваат спомените од минатото кои велат дека таа слобода во наше име некои ја извојувале, со непокор, верба, љубов и пролеана крв.79 години слободна Струмица, тоа значи 79 години – надградба на традиционалните вредности, 79 години – надеж и стремеж кон подобро, поубаво и посреќно утро, 79 години – прогрес и растеж, и конечно 79 години – љубов и верност помеѓу Струмица и струмичани. Сето тоа е убава основа за влез во иднината. Сето тоа е поучно четиво кое треба да се повторува. Сето тоа е убаво парче од мозаикот на севкупното постоење на овој град, рече Костадинов.
Тој во свое лично име и во името на Општината, со полагање свежо цвеќе им оддаде почит на загинатите борци, а цвеќе положија и претставници на на институции, организации и политички партии.
Во чест на празникот, се одржа и мал револуционерен митинг од членовите на рецитаторската секција при Домот за деца и млади „Благој Мучето“.