fbpx

Општина Струмица го одбележа Денот на заштитниците

 Општина Струмица го одбележа Денот на заштитниците

Струмица денеска празнуваше и го чествуваше Денот на заштитниците „Свети 15 тивериополски свештеномаченици“. Празнувањето започна во утринските часови со одржување литургија во истоимениот црковен храм, на којашто покрај верниците  присуствуваа и градоначалникот Костадин Костадинов и членови на Советот на општина Струмица.

Во чест на овој голем празник за Струмица и струмичани, во големата сала на Центарот за култура „Антон Панов“ се одржа свечена седница на Советот на општина Струмица, на којашто присуствуваа претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, претставници на Македонската православна црква, Католичката црква, пратеници, на општина Петрич од Бугарија, на државни и општински институции и пријатели на Струмица.

За значењето на празникот зборуваше градоначалникот Костадин Костадинов, кој потенцираше дека од времето на дејствувањето на Светите 15 тивериополски свештеномаченици датира всаденото богољубие во срцата на струмичани и зародишот на христијанството во градот. Затоа денес, како и на секој друг 11. декември, горат кандилата во домовите на сите благочестиви струмички семејства, а  во тие кандила се задомила и светлината и топлината на нашата христијанска вера и додаде:

-Ова е тој ден.  Ова е тој извор од кој ја гасиме нашата духовна жед. Ова е лебецот од кој ја црпиме енергијата на нашето постоење.   Го примивме завештанието од нашите предци за да им го предадеме на тукушто родените струмичани. Тоа примопредавање од рака во рака, од срце на срце, од колено на колено, траело и ќе трае се дури трае родот човечки и љубовта богочовечка, се дури Струмица и струмичани суштествуваат како урнек за нераскинливаa симбиоза. Токму затоа денот денешен е ден за празнување и ден за чествување. Во овој празник на срцата и душите струмички се е возвишено и невообичаено убаво. Овој ден е сосема различен од сите останати  во годината, затоа што во него секој наш чекор е посмел и посигурен, секое наше здраво-живо поинаку звучи, сите мириси на градот се спојуваат во мирисот на празнувањето и секое биење на црковните камбани го одредува ритамот на нашето срцебиење.

Денес се е во знакот на почитта кон Светите Петнаесет тивериополски свештеномаченици и нивното свето дело, а секоја наша душевна дразба е артикулација на неизмерната благодарност која ја имаме кон заштитниците на нашиот град, за христијанскиот дар со кој не даруваа. Благочестивите петнаесет апостоли и денес го заслужуваат нашето поклонение , оти тие се најзаслужните за нашата богољубност и за сите духовни вредности со кои се гордееме. Причина за таа наша гордост е историскиот запис кој не потсетува дека нашиот град уште во четвртиот век станал центар на христијанството, рече Костадинов.

Традиционално, на свечената седница беа доделени годишната награда и наградата за животно дело на општина Струмица за 2021 година. Добитници на годишната награда се Ѓорѓи Калајџиев од областа на културата и литературата, Божана Трајкова од областа на крводарителството и хуманоста и Наталија Иванова за помагање и згрижување бездомни животни, а наградата за животно дело ја доби поранешниот одбојкар и тренер Никола Донев за посебни остварувања во спортот.

Share via
Copy link