Градоначалникот Костадинов поканува на присуство на новогодишна бајка на плоштадот
Отворена новата градинка „Виножито“ во Струмица
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски заедно со министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска и со градоначалникот на Општина Струмица, Коста Костадинов денеска во Струмица присуствуваа и се обратија по повод новоизградената градинка со капацитет од 307 деца од предучилишна возраст.
Градинката „Виножито” е најголемата установа за ран детски развој изградена во рамки на Проектот за подобрување на социјалните услуги кој го спроведува Министерството за труд и социјални услуги со финансиска поддршка на Светска банка и воедно најголемата во Струмица.
-Покрај тоа што со градинката се решава долгогодишниот проблем со сместувачки капацитети во предучилишното образование во градот и неговата околина, новиот објект обезбедува современи просторни услови за престој на децата прилагодени на нивната возраст и на образовниот метод за учење преку игра. При градбата се имплементирани највисоки стандарди за енергетска ефикасност. Со сите овие современи инсталации значајно се намалуваат редовните трошоците за работа на градинката и се влијае врз намалувањето на емисиите на јаглерод диоксид во воздухот.Струмица денеска добива нова градинка, ново катче за најмалите. Градинката „Виножито“ е најголема во Струмица и единствена со капацитет од 17 воспитни групи, во која ќе се згрижат над 300 деца.Драго ми е што како Влада, придонесуваме за убаво, среќно и безгрижно растење на децата. Ние посветено работиме на долгорочно инвестирање во децата, истакна премиерот Ковачевски.
-Наша цел е да им обезбедиме на децата подобро образование, но и да ја подигнеме стапката на што поголема вклученост на најмалите во предучилишно образование. Со наша поддршка досега се отворени 72 градинки, во кои се згрижени околу 4.800 нови деца.Фактите покажуваат дека, како Влада убедливо имаме направено најмногу инвестиции во градинките во историјата на државата. За прв пат 10 населени места добија градинки, а клонови на јавни установи се направени во уште 17 населени места.Ние можеби не важиме за Влада која прави споменици и која не инвестира во стиропор и за тоа може да не критикуваат, меѓутоа важиме за Влада која што инвестира во трајни вредности во државата, а тоа е високо образование, средно образование, основно образование и секако предучилишно образование на децата, додаде Ковачевски.
Подвлече дека до крајот од годината треба да завршат градежните работи на уште 10 нови градинки, а до крајот на 2023 година, на уште 15 градинки.
-Да потенцирам дека овде не завршува овој проект, Владата е отворена да помогне на секоја општина, така што оние општини кои сакаат да аплицираат за изградба на нова предучилишна установа, може да го направат тоа преку Министерството за труд и социјална политика. Вложувањето во градинки, во вакви установи за предучилишна возраст е економска мерка, бидејќи со отворањето на предучилишни образовни институции, отвораме нови работни места. Како Влада, вложуваме и во воспитниот и стручен кадар во градинките. Со доаѓањето на СДСМ на власт, вработените во градинките добија за околу 21% повисока плата, рече премиерот Ковачевски.
Градоначалникот Костадин Костадинов истакна дека со отворањето на градинката се испишува нова струмичка историја.
-По цели четири децении нашата Струмица доби нова и преубава детска градинка со прекрасно име – „Виножито“.Во присуство на високите владини гости, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, како и вишата специјалистка за образование при Светска Банка, Бојана Нацева, но и пред присутните граѓани, имав пригодно обраќање преку кое го изразив моето задоволството за предавањето во употреба на овој капитален објект, за неговото големо значење за децата и нивните родители, но и за беспрекорната соработка со Владата и Министерството за труд и социјална политика.„Виножито“, со сите нејзини содржини, е градинка по урнек на оние од западноевропските земји, а во неа својот „втор дом“ ќе го најдат 244 струмички деца од предучилишна возраст. Нека им е со среќа, напиша Костадинов.