Почна реконструкцијата на улицата „Крушевска Република“
Деновиве започна реконструкцијата на улицата „Крушевска Република“. Увид во градежните работи денеска изврши градоначалникот Костадин Костадинов со претставници од Секторот за урбанизам, претседателот на Советот Марјан Даскаловски и членови на истиот.
-Едно од основните начела во политиката е да се држиме до тоа што го ветуваме и да го реализираме она што е суштинска потреба и барање на граѓаните. Оваа инвестиција е комплетно финансирана од основниот буџет на општина Струмица со 19 милиони денари. Станува збор за реконструкција на 580 метри со комплетно вадење на постоечкиот асфалт, тампонирање и ставање на два нови слоја на асфалт. Од мое и од името на Советот им благодарам на граѓаните кои живеат долж поројот „Крушевска Република“ за трпението што го имаат, бидејќи околу 3 години тука се изведуваат градежни работи, што нормално доведува до нарушување на мирот на граѓаните, но нека се стрпат уште малку, односно, согласно јавната набавка во рок од 12 месеци ќе биде комплетно завршена улицата и овој дел од градот ќе биде убаво место за живеење, рече градоначалникот Костадинов.
Новопроектираната улица ќе биде широка 23 метри, од кои од двете страни ќе има асфалтна површина со ширина од 6 метри и останатото се рабници и тротоари од двете страни на улицата.