Костадинов до министерката за финансии:немате право Струмица да ја ставате на гилотина
Речиси 200 килограми марихуана запленети на „Богородица“, истрага против две лица
Основното јавно обвинителство Гевгелија донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
Тие, по претходен договор и заедно со учество во дејствието на извршување, неовластено заради продажба во Република Турција, пренесувале наркотична дрога – марихуана од Куманово до граничниот премин „Богородица“.
-Дрогата, во вкупна количина од 188.363 грама, спакувана во 165 пакувања армирани полиетиленски кеси, ја превезувале во камион во сопственост на скопска фирма која пренесувала отпадна пресувана хартија. Дрогата била скриена меѓу балите отпадна хартија. Камионот бил натоварен во Приштина и второосомничениот со легален утовар на 8 февруари влегол во државава на граничниот премин „Блаце“. Таму го пречекал второосомничениот и на паркинг плац на патот Куманово-Свети Николе била извршена замена на дел од натоварената стока со други бали во кои во внатрешноста била сокриена марихуаната. На 10 февруари, првоосомничениот се јавил на „Богородица“ на излез од државава, каде овластени службени лица го запреле, детално ја прегледале целата стока и ја пронашле дрогата, стои во соопштението на ЈО.
Јавниот обвинител поднел предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени, на возраст од 43 и 41 година, бидејќи постојат околности кои го оправдуваат стравот дека осомничените ќе се дадат во бегство, ќе ги уништат трагите од кривичното дело, ќе ја попречуваат кривичната постапка со влијание врз сведоците или соучесниците во кривичното дело и дека ќе го повторат кривичното дело.
-Царинската управа влезе во траг и спречи меѓународен канал за шверц на дрога. Во заедничка акција со Бирото за јавна безбедност на граничен премин Богородица се запленети 188 килограми и 636 грама наркотична дрога марихуана која требало да заврши во Турција. Случајот го следиме подолго време, што на крај успешно резултираше со откривање на криминалната мрежа која требало да оперира низ неколку држави, истакна директорот на Царинската управа, Бобан Николовски во денешната изјава за медиумите на ГП Богородица.
Сторителите на кривичното дело, двајца возачи, едниот од Тетово, а другиот од Кумановско на 8 февруари влегуваат на Блаце со камион и на 9 февруари со истиот камион едниот од нив го презема камионот и од место меѓу Куманово и Паланка оди кон Богородица. На Богородица е извршена детална контрола на камионот при што помеѓу компресирана рециклирана хартија во четири бали е пронајдена дрогата. Проценетата вредност на дрогата на црниот пазар изнесува 707 илјади евра.
Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев порача дека криминалното мочуриште во државата повеќе нема да го има.
-Во заедничка акција која траеше неколку дена покажува дека заеднички можеме во интерес на граѓаните. Криминалното мочуриште што го имаме во државата повеќе нема да го има. Ова не е место за нив. Заеднички координирано со Царинска управа координирано работиме во неколку области. Мора да бидеме координирани. Заедно покажуваме дека можеме да работиме силно и успешно за заеднички успеси и превенција на криминалот. Нема место за криминал. Македонија мора да биде на ниво на напредните држави. Системот и законите мора да владеат. Го сузбиваме криминалот и корупцијата на сите нивоа, истакна директорот Јанев.
Случајот како што беше истакнато од страна на директорите е резултат на зајакнатата соработка и добро координирани акции на царинските и полициските службеници.