fbpx

Тренчевска: Ги мапиравме најранливите граѓани, исплатата на финансиска поддршка започна со пензионерите, следната недела и останатите социјално загрозени

 Тренчевска: Ги мапиравме најранливите граѓани, исплатата на финансиска поддршка започна со пензионерите, следната недела и останатите социјално загрозени

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска во Струмица оддржа прес конференција за медиумите за финансиската поддршка за ранливи категории на граѓани согласно Законот за финансиска поддршка за ранливи категории на граѓани за справување со енергетската криза.

Во своето обраќање пред медиумите министерката се осврна на досегашните антикризни мерки креирани од Владата започнувајќи од здравствената предизвикана од пандемијата со Ковид 19 и последователно економската и енергетската.

„Во услови кога се сеуште се чувствуваат последиците од светската криза, како Влада и ресорно министерство го донесовме Законот за финансиска поддршка на ранливи категории на граѓани за справување со енергетската криза.  Ги мапиравме оние граѓани кои во моментот се најранливи. Законот предвидува финансиската поддршка за неколку категории ранливи граѓани, “истакна Тренчевска.

Согласно законот опфатени се:  корисници на право на социјална сигурност на стари лица, корисници на посебен додаток,  корисници на правото на надоместок заради попреченост, со попреченост и трајни промени во здравствената состојба, кои користат надоместок за помош и нега од друго лице, а не користат право на надоместок заради попреченост, без потреба од контролен преглед,самохрани родители  кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош,корисници на право на пензија во висина до 14.000 денари, корисници на право на надоместок за  телесно оштетување и невработени лица-корисници на право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок.

Министерката потенцираше дека, исплатата на паричната помош за пензионерите со пензии пониски од 14.000 денари го врши Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, и првата исплата од четирите исплати е извршена со пензијата за месец декември. Исто така, тука влегува и надоместокот за телесно оштетување кое го исплаќа Фондот.

„Пензионерите кои земаат пензија не поголема од 11.525 денари месечно,  месечно добиваат по 1.500 денари месечно, за период од четири месеци. Пензионерите со пензии од 11.526 денари и не поголема од 14.000 денари месечно, добиваат  помош од 750 денари месечно, за период од четири месеци. Корисниците на надоместокот за телесно оштетување добиваат по 750 денари месечно, за период од четири месеци,“  рече Тренчевска.

Таа информираше дека на 12 декември (понеделник) Министерството за труд и социјална политика ќе ја исплати паричната помош за : корисниците  на правото на социјална сигурност на стари лица, корисниците  на посебен додаток, на  правото на надоместок заради попреченост, надоместокот за  попреченост и трајни промени во здравствената состојба, кои користат надоместок за помош и нега од друго лице, а не користат право на надоместок заради попреченост, без потреба од контролен преглед и самохраните родители  кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош. Овие граѓани ќе добијат финансиската поддршка од 3.000 денари месечно, за период од четири месеци.

Министерката извести дека, на 14 декември (среда) ќе биде исплатена и паричната помош за невработени лица – корисници на право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок, од страна на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија. Овие лица ќе добијат финансиската поддршка од 3.000 денари месечно, за период од четири месеци.

Граѓаните имаа можност да проверат дали се на списоците објавени на веб страниците на Министерството за труд и социјална политика, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и на Агенцијата за вработување. Исто така, имаа можност доколку не некој не се наоѓа на списоците, а смета дека ги исполнува условите да биде корисник на финансиската поддршка за некоја од категориите,  да поднесе приговор во Архивата на министерството и на официјалниот меил на министерството.

Комисијата формирана  за одлучување по приговори за финансиска поддршка одлучува во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на приговорот. Притоа, за одобрените приговори доставува известување до подносителот и до институциите, а за одбиените приговори до подносителот.

„Со донесувањето на овој закон и со исплаќањето на финансиската поддршка за најранливите категории на граѓани, обезбедуваме полесно справување со енергетската криза.  Како Влада ветивме  дека никој нема да биде оставен сам, особено во време на криза и тоа го правиме. Продолжуваме да се грижиме за сите граѓани, со акцент на најранливите, “порача Тренчевска.

Share via
Copy link