„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Владо Милев спортист на Струмица за 2022 година
Под покровителство на Градоначалникот и Советот на општина Струмица, а во организација на Општинскиот Сојуз на училишни спортови, синоќа во хотелот „Сириус“ по јубилеен 60-ти пат беа избрани и прогласени најдобрите и најуспешните спортски екипи, тренери и спортисти во општина Струмица за 2022 година.
Покрај спортистите на „Изборот на спортист на годината“ присуствуваа и награди врачија градоначалникот Костадин Костадинов, претседателот на Советот, Марјан Даскаловски, секретарот на општината Александар Оџаков и Зоран Заев, директор на Фондацијата ЗАЕВ – Едно општество за сите.
Во своето поздравно обраќање градоначалникот Костадин Костадинов рече дека „Изборот на спортист на годината“ е една од манифестациите која најмногу ја сака затоа што секогаш е собир на исклучително позитивни луѓе богати со дух и со љубов кон својот град, бранејќи ги неговите бои низ спортските терени ширум земјава, па и надвор од неа.
-Малку се градовите во земјава кои можат да се пофалат со толку многу успешни спортски имиња и презимиња, познати репрезентативци и интернационалци кои ја испишувале македонската спортска историја. Зарем постои вљубеник во спортот кој не знае дека Струмица била и останала спортски расадник во кој израснале имињата на плејада вонсерисски одбојкари, од Никола Донев во минатото до целиот костур на македонската одбојкарска репрезентација, во сегашноста, предводена од Никола Ѓоргиев… од Благој Истатов, Рингов, Горгиев, Грнчаров, Андреев, Митев, Дрвошанов, Шеки и сите поранешни струмички фудбалски ѕвезди, па се до генерацијата на Горан Пандев . Може ли да не ја споменеме и кошаркарската ѕвезда Владо Илиевски со неговиот легендарен восклик: „Леле луѓе што направиме“. Тука се и едно чудо други спортисти кои оставиле свој белег во струмичкиот, македонскиот и меѓународниот спорт. Просто е неблагодарно сите да се споменуваат поименично, за да не се случи ненамерно некој да биде заборавен, а сите до еден заслужуваат почит и внимание. Со еден збор кажано, струмичкиот спорт во сиве овие години, претставува едно големо и непроценливо богатство, рече Костадинов.
За најдобар спортист за 2022 година беше прогласен Владо Милев од ОК СТРУМИЦА НИКОБ, а истиот клуб е прогласен за најдобра спортска екипа во сениорска конкуренција во екипен спорт.
За најдобар спортист во млади категории во екипен спорт е прогласена Теона Галабовска од ЖФК „Тиверија“, а првото место во оваа категорија го делат ОК НАКОВСКИ ВОЛЕЈ – младинки и ЖФК „Тиверија“ – кадетки.
За најдобар тренер во сениорска конкуренција екипен спорт беше прогласен Кирил Ричлиев од ОК СТРУМИЦА НИКОБ, а во млади категории за најдобра беше прогласена Теодора Димоска од ЖФК „Тиверија“.
Во категоријата најдобар спортист во индивидуалниот спорт првите места ги делат Славе Делиовски од КБК ТИМ ЗОРАН и Елена Биџева од ШКК ШИХАН, а во млади категории најдобар е Александар Делиовски од КБК ТИМ ЗОРАН.
Најдобар тренер во индивидуалниот спорт е Зоран Спасов од КБК ТИМ ЗОРАН, а во масовниот спорт екипно првото место му припадна на СОУ „Јане Сандански“ и поединечно на Борис Секулов.
Покрај прогласувањето на најдобрите и најуспешни спортски екипи, тренери и спортисти на Струмица, беа доделени плакети на спортски клубови кои во 2022 година прославуваа годишни јубилеи, на спортисти кои постигнаа значителен успех во масовниот спорт и поединци кои дале континуирана поддршка на струмичкиот спорт.