Градоначалникот Костадинов го објави изгледот на новиот парк во поранешната касарна
Струмица ја одбележа годишнината од раѓањето на Гоце Делчев
Општина Струмица денеска гордо и достоинствено одбележа 151 година од раѓањето на апостолот на македонското револуционерно движење, Гоце Делчев. Пред споменикот подигнат во негова чест, за животот и делото на Делчев зборуваше градоначалникот Костадин Костадинов кој потенцираше дека Гоце за Македонија се бореше, за Македонија ги негуваше своите социјалистички и револуционерни идеи и за истата таа Македонија го даде својот живот.
-Денес, кога одбележуваме 151 година од раѓањето на апостолот на македонското револуционерно движење, Гоце Делчев, треба да знаеме, во вистинска смисла на зборот, да го почитуваме и негуваме неговото име и дело. Но со право треба да констатираме дека Гоце не се роди за да биде „монета за поткусурување“, ниту причина за повампирување на политички апетити и територијални претензии. Зарем оној кој го разбираше светот како поле за културен натпревар меѓу народите, заслужува да биде наметнат „камен на сопнување“ и омраза меѓу народите. Вистината за нашето минато и вистината за нашата сегашност нека ни го трасираат патот кон нашата убава иднина. Гоце Делчев, бездруго и во таа иднина ќе го има своето заслужено место во меморијата на нацијата и државата македонска. Нека ни е вечен споменот за раѓањето, животот и револуционерниот пат на најголемиот македонски син, рече градоначалникот Костадинов.
Во чест на Делчев, свежо цвеќе пред споменикот положија градоначалникот Костадин Костадинов, претседателот на Советот Марјан Даскаловски, министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, пратеници, претставници на Општинскиот сојуз на борците, политички партии, училишта и институции, а револуционерна поезија рецитираа ученици од училиштето во Вељуса.
Во одбележувањето на 151-та годишнина од раѓањето на апостолот на македонското револуционерно движење, Гоце Делчев, на градскиот плоштад, кој го носи неговото име, свој влог дадоа и учениците од основните општински училишта во Струмица кои создадоа уметнички дела и ги изложија пред споменикот на тема „Учителот“.