„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
ЗАПОЧНУВА ВТОРИОТ МЕЃУНАРОДЕН ФЕСТИВАЛ ЗА ЉУБИТЕЛИТЕ НА ВЕЛОСИПЕДИЗМОТ – “ВЕЛО СТРУМИЦА“
По повод Светскиот ден на велосипедот – 3 јуни, оваа година, во период од 01.06. до 03.06.2023 година, во Струмица ќе се одржи вториот Меѓународен Фестивал за љубителите на велосипедизмот – “Вело Струмица”.
Во рамки на фестивалската програма, покрај серијата активности посветени на сообраќајната и велосипедската култура како начин на живеење, официјално ќе биде пуштено во употреба и велосипедско-рекреативното игралиште “Pump Track“. Овој проект е финансиран од Европската Унија и директно Општина Струмица, а се однесува на дополнување на понудата на велосипедски содржини кои се нудат, со цел стимулирање и поттикнување на употреба на велосипедот како здрав, еколошки и економичен начин на мобилност. На овој начин, се овозможува богата вело-понуда за различни генерации, со фокус на различни потреби.
Целокупните активности во насока на поттикнување на велосипедизмот се дополнување на “Струмица – Паметен Вело Град“, во чии рамки во изминатата година беа изградени и обележани градски велосипедски патеки.
„Визијата за трансформација на Струмица во велосипедски град и редовната употреба на велосипедот како примарно средство за движење на различни генерации прераснува во реалност и секојдневие. Со досега реализираната велосипедската инфраструктура, како и преку развој на рекреативните велосипедски содржини, континуирано вложуваме во прогрес кон “паметен вело град“. Продолжуваме понатаму со активности наменети за збогатување на можностите и понудата за активните велосипедисти, но и за оние за кои велосипедот е средство за рекреација. Предвидена е изградба на планински велосипедски патеки, како и развој на велосипедска инфраструктура која има за цел поврзување на населените места со градот.“ – изјави Градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов.
„Во рамки на успешната долгогодишна соработка која ја имаме со Европската Унија преку програмата “ЕУ за Општините“ и преку ИПА програмите за прекугранична соработка, а како дел од долгорочната стратегија за прогрес на Струмица како велосипедски град, го реализиравме проектот – Велосипедско рекреативно игралиште “Pump Track”, кој на новите генерации ќе им овозможи дополнителен простор за вело-рекреација. Проектот е реализиран во предвидениот рок од 2 месеци и подразбира изградба на игралиште, јавен простор слободен за употреба за сите граѓани, во форма на континуирана патека од нагорнини, надолнини и рампи за скокање околу кои може да се вози велосипед, скејтборд, ролерки или тротинет. Преку збогатување на велосипедските содржини во општината, ја охрабруваме и стимулираме употребата на велосипедот и алтернативните средства за превоз, како и негувањето на поеколошки и поодржливи одлуки за урбана мобилност.“ – изјави Ѓоко Ристовски, Раководител на Одделение за Меѓународна Соработка и Европски Фондови во Општина Струмица.
Официјалниот почеток на Фестивалот е предвиден за 01.06.2023, во чии рамки ќе се одржи вело тура по реализираните велосипедски патеки, по што ќе следи официјалното пуштање во употреба на велосипедско-рекреативното игралиште “Pump Track“, со почеток од 20:30 часот.