fbpx

Нова планинарска патека на Огражден – Од браната Иловица до Преслоп

 Нова планинарска патека на Огражден – Од браната Иловица до Преслоп

Нова планинарска патека што стартува кај браната Иловица и се протега до местото Преслоп, промовираше планинарскиот спортски клуб „Маратон“ од Струмица. Патеката со должина од 7,5 километри, според планинарот Митко Крмзов од „Маратон“ е од лесен карактер и е достапна за сите љубители на природата од 7 до 77 години. Обележувањето на патеката и изградбата на летниковецот долж стазата за одмор и засолниште, е со поддршка на компанијата Еуромакс, инвеститорот на проектот Иловица – Штука.

„На 10 октомври годинава за првпат организиравме планинарски есенски марш Огражден – Видиковец, Иловица – Струмица. Односно тргнавме по патеката од Брана Иловица, каде елевацијата е  400 метри надморска височина (мнв) и се искачивме до 918 мнв, каде е крај на патека кај местото Преслоп.  Учество на овој марш зедоа околу 50 планинари од повеќе планинарски здруженија од Гевгелија, Валандово, Скопје, Неготино, Пробиштип, Делчево, Пехчево.  Нашата идеја е ова да прерасне во традиционален настан, што ќе се организира на есен бидејќи патеката е погодна за движење и за време на дожд“, објаснува Митко Крмзов од планинарскиот спортски клуб „Маратон“.

Кога е планирана и обележувана патеката, Крмзов вели дека се водело сметка да има локации каде има убави видиковци, како и места каде може да одморат посетителите. Покрај природната убавина, од оваа страна на Огражден има и повеќе археолошки локалитети, кои се планира да се обележат за да можат планинарите да ги посетат.

„Нашата желба е посетителите да се запознаат со различниот биодиверзитет и археолошко богатство во овој регион. Покрај придобивките од движењето во природата што се подобро здравје и ментално задоволство, како и генерално збогатувањето на квалитетот на животот, сакаме да придонесеме и за едукација на младите, како и на постарите за разновидното богатство што го има во регионов. Поддршката од Еуромакс ја сфаќаме како придонес за зачувување на ова богатство преку креирање на можности што повеќе лица да се движат во овој дел од Огражден и е пример што би сакале да го следат и други. Маркирањето на патеките овозможува и да се води грижа за животната средина затоа што патеките и околината се чистат и се одржуваат за да може да се користат “, вели Крмзов.

Она што следи е одржување на патеката, но и збогатување на содржините преку воведување на едукативен центар. „Маратон“ Струмица соработува и со Центарот за еколошка акција и едукација за млади истражувачи – Струмица и Македонско еколошко друштво – Скопје за подигање на еколошката свест кај младите за придонесот во планинарењето и планинарско образование во југоисточниот регион. Здружението работи на тоа да креираат услови и содржина за што поголем број на граѓани од секоја возраст да се обучат со планинарски знаења и вештини и да создадат навика слободното време да го поминуваат во природа, особено во планината бидејќи планинарството е форма на активен одмор и рекреација, објаснува Крмзов.

Здружението Маратон е основано 02.04.2007 година и во него членуваат околу 35 члена од кои активни членови се 25. Организатор е на маршот „Мис Стоун“ што се одржува секоја година во мај, а членовите во текот на годината учествуваат на повеќе планинарски маршови низ Македонија, како и во Бугарија.

(комерцијална објава)

Share via
Copy link