fbpx

Еколошка акција во Босилово „Со пластични шишиња до овошни садници“

 Еколошка акција во Босилово „Со пластични шишиња до овошни садници“

Општина Босилово денес започна со реализација на  една креативна и интересна кампања насловена како „Еколошка пролет во Босилово!“  Кампањата ќе се реализира во наредните два месеци и ќе опфати повеќе активности и настани, но она што посебно е интересно е тоа што општина Босилово денес ќе врши дистрибуција на овошни садници во замена за пластични шишиња.

„Акцијата ќе се одвива од порта на порта. Ќе го посетиме секој дом и на секој граѓанин ќе му биде понудена можност за замена на пластични садови (ПЕТ пластика) со овошни садници. Целта е да ја намалиме количината на пластичен отпад во општината, но во исто време да испратиме порака до граѓаните дека пластиката има употребна вредност.  Пластиката треба да се селектира и да се депонира односно транспортира на соодветно место“ – истакна Ристо Манчев, градоначалник на општина Босилово по повод денешната акција.

Покрај наведената акција, во Босилово веќе извесен период се реализираат активности за чистење на „диви“ депонии, а ќе бидат реализирани и голем број други еколошки активности и тоа:

  • Пролетно пошумување на падините на планината Огражден со садници од црн бор (1.000 броја).
  • Акција за собирање на отпадна ПЕТ пластика во училиштата и организирање на едукативни предавања  за учениците за  селекција и рециклирање на отпад 
  • Собирање на електричен и електронски отпад по населените места.
  • Дистрибуција на канти за отпад и вклучување на неколку населени места во системот на организирано собирање на сметот.
  •  Волонтерски акции за чистење на смет покрај јавни површини, туристички локации и верски објекти
  • Набавка на контејнери за одделни фракции на отпад (стакло, ПЕТ  пластика и отпадни батерии)
  • Рекултивизација на “диви“ депонии,
  • Акции за организиран откуп на пластичен отпад
  • Хортикултурно уредување на јавни површини, и др.

Од општина Босилово потенцираат дека интересот за оваа акција е голем, и дека  голем број на млади волонтери, активисти се вклучуваат во нејзината реализација и нагласуваат дека оваа кампања ќе се организира секоја година,   со цел почиста и поздрава животна средина. 

Share via
Copy link