fbpx

Сузбиена криминална група, приведени 10 лица од кои 4 од Гевгелија и 3 од Струмица

 Сузбиена криминална група, приведени 10 лица од кои 4 од Гевгелија и 3 од Струмица

МВР соопшти дека денеска Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал – Сектор за криминалистички истраги – Единица за недозволена трговија со дрога при Бирото за јавна безбедност, спроведе координирана полициска операција со цел сузбивање на организирана криминална група која делувала на неколку локации на територијата на Република Северна Македонија. Групата била инволвирана во организирање, набавка, продажба и пуштање во промет на марихуана.

Имено, од октомври 2023 година кога започна акцијата преземени се повеќе оперативно-тактички мерки и активности за сузбивање на групата. Денеска, полициските службеници од слобода лишиле 10 лица, од кои четири од Гевгелија, три од Струмица, две од Струга и едно лице од Демир Капија. Притоа, извршени се претреси на четири локации во Струмица, Струга, Гевгелија и Битола и обезбедени се материјални докази, односно пари и поголема количина на наркотична дрога која потекнува од правен субјект регистриран за извршување на дејност одгледување на зачински, ароматични и лековити растенија наменети за медицински цели.

Приведените лица ќе бидат изнесени пред судија на претходна постапка, пронајдената дрога ќе биде дадена на вештачење, а по целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, ќе биде поднесена кривична пријава по член 215 став 3 од Кривичниот законик – „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори”. 

Share via
Copy link