fbpx

Градоначалникот Костадинов на увид во градежните работи во некогашната Маларична болница

 Градоначалникот Костадинов на увид во градежните работи во некогашната Маларична болница

Градоначалникот Костадин Костадинов со соработниците, членови на Советот и сограѓани од Турското маало во Струмица, денеска извршија увид во градежните работи на локацијата на некогашната руинирана маларична болница, а на која сега се прават мултифункционално игралиште и паркинг за потребите на црквата „Св. 15 Тивериополски свештеномаченици“ и џамијата.

-Едно од клучните барања на сите жители од Турско маало, а посебно на младите, меѓу кои има голем број спортски таленти, беше да добијат свое мултифункционално игралиште, пред се за фудбал, но и со други содржини. Денеска сме на увид и гледаме дека се завршени потпорните ѕидови, ќе се врши тампонирање на земјата, потоа следува оградување на целото игралиште, асфалтирање, поставување на потребните спортски реквизити, се со цел да им овозможиме на нашите сограѓани Турци и дел од другите заедници коишто ги има, едно свое катче каде што тие ќе можат да спортуваат. Јас сум многу разочаран што во Струмица владее една стигма, особено од страна на опозицијата, зошто градоначалникот работел за Турското маало, зошто инвестирал во Турското маало?Јас сметам дека различностите и мултиетничноста е богатството на Струмица и сметам дека и џамијата и црквата „Свети 15“ заслужуваат овде и свој паркинг, оти ова не е само за Турското маало, ова е и за цела Струмица. Верниците кои го посетуваат храмот „Свети 15“ во моментот немаат каде да паркираат и им треба соодветен паркинг, особено за автобусите коишто доаѓаат со туристи, а коишто се додадена вредност за струмичката економија, мора да овозможиме услови за да се паркираат. Во овој простор овде обезбедуваме паркинг и за автомобили и за автобуси за црквата „Свети 15“ и за џамијата, за што морам да истакнам дека и со оџата, но и со почитуваниот муфтија сме во постојана комуникација за се што значи потреба за нашите верници од исламска вероисповед, оти ако не се почитуваме меѓу нас овде во Струмица и Македонци и Турци и сите други заедници, тогаш Струмица ќе го изгуби епитетот на модерен развиен град, град во којшто сите заедно работиме за наше општо добро и колку да не обвинуваат, ние сите заедно ова мора да го чуваме како зеница во окото и никако да не дозволиме да го изгубиме, рече градоначалникот Костадинов.

Тој додаде дека ќе се реши и проблемот со водоснабдувањето во летниот период во Турското маало со новите резервоари и новиот водовод во Социјалната населба во вредност од 300 илјади евра, како и проблемот со турските гробишта.

Share via
Copy link