„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
ТМФ продолжува со регионалните натпревари за „Наноматеријали – материјали на иднината“
Технолошко – металуршкиот факултет организира регионалните натпревари од традиционалниот натпревар на средношколците за „Наноматеријали – материјали на иднината“. На овие Регионални натпревари за одбрана на проектите на средношколците учествуваат ученици од 2, 3 и 4 година од повеќе средни училишта во државата. Натпреварот се организира од 2013 година.
„На натпреварот средношколците презентирани 50 проекти, од кои 33 од средните училишта од Скопје и 17 од другите градови во државата. Средношколците ја покажаа својата заинтересираност за нови теми и нешто што е актуелно и предизвик за нив. Во презентациите, особено во изнесување на идејата за нова примена на овие материјали, покажаа висока креативност и оригиналност. Како организатори на натпреварот пријатно сме изненадени и задоволни со одзивот. Се надеваме дека оваа традиција ќе ја следат повеќе училишта од земјава“, вели Анита Грозданов, професор на Технолошко-металуршкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.
Претседателот на Здружението на металурзи на Македонија, професор Горан Начевски од ТМФ, кое се јавува како ко-организатор на натпреварот, објаснува дека овој настан ги мотивира младите да се посветат на својата иднина со проекти посветени на наноматеријалите. Како мотивација на младите се доделуваати награди за прво, второ и трето место на тимови составени од 2 до 3 ученика и професор – ментор, кои осмислуваат идеи за одредена примена на материјали, како што се наноматеријалите, паметните материјали, хибридните материјали, металните и керамичките материјали, полимерните, текстилниите и биоматеријалите, потоа биоразградливите материјали, композитните и рециклирачките материјали. Добиените државни награди и сертификати се признати од Министерството за образование и наука.
Здружението на металурзи, во изминативе 25 години, работи на унапредување на металургијата, дообразување и зголемување на знаењата на инженерско-техничките и другите стручни металуршки кадри, претставување на металуршката струка, наука и еснаф и организација на разни семинари, симпозиуми, стручни и научни советувања.