Пендаровски за Филипче: Станува збор за човек за кој ти е мерак да гласаш
„Многу човечки животи се спасени заради неговите интервенции, неговите дијагнози, неговите операции. Просто кажано станува збор за човек кој ти е мерак да го гласаш“, вакви зборови упати кандидатот за претседател Стево Пендаровски за д-р Венко Филипче, носител на листа на Изборна единица 4.
Пендаровски вечерва караванот за претстојните претседателски избори го продолжува од Радовиш од каде го опиша докторот како посветен на професијата и човек кој е достапен и во три часот по полноќ.
„Ќе ми дозволите два три збора за д-р Филипче кој изминатиов период покажа и кога не беше на функција дека се наоѓаше секому, беше достапен 24/7 и јас и мојата сопруга и моите соработници секојпат сме го барале. Во 3 на полноќ знаел да се јави и да дојде. За него немаше работно време и не само во време на Корона во било кое време и пред 2019. Денес да го побарате повторно ќе го најдете“, истакна Пендаровски пред радовишани.
Тој исто така рече дека разликата меѓу Филипче и против кандидатот во ИЕ 4 Александар Николоски е огромна затоа што едниот одбира да биде дома наместо било каде во светот, а другиот за цел нема ниту ден работен стаж.
„Немав намера да трошам зборови за неговиот против кандидат, нашиот, вашиот против кандидат во оваа изборна единица кој целиот свој живот бил на државни јасли или на партиски јасли. Нема еден ден работен стаж надвор од тоа. Партијата му давала работа, партијата му давала плата. Ако не е партијата не може да заработи за леб. Сосема различен од нашиот Венко Филипче кој сега да посака може да биде хирург каде сака во светот за еден месец да заработи повеќе од годишна плата и на пратеник и на министер и на претседател“, рече Пендаровски.