Задутре промоција на најновата книга поезија „Звуци и зраци“ од Ристо Маџунков

 Задутре промоција на најновата книга поезија „Звуци и зраци“ од Ристо Маџунков

На 24 септември 2025 година (среда), во фоајето на Домот на културата (НУЦК ,,Антон Панов, Струмица), со почеток во 19:00 часот ќе се одржи промоција на најновата книга поезија ,,Звуци и зраци” (2025), од Ристо Маџунков (1948).

На промоцијата за поезијата на Ристо Маџунков ќе зборуваат рецензентот Трајче Бјадов и промоторот Ацо Гогов, а свое пригодно обраќање кон присутните ќе имаат и фолкористот Иван Котев и уредникот во книжевното списание ,,Современост”, Стефан Марковски. Стихови од ,,Звуци и зраци” ќе читаат Гонца Шивачева, Мариета Дукиќ, Павле Стојанов и Ален Нанов. Модератор на настанот ќе биде Ѓорги Калајџиев.

За поезијата на Ристо Маџунков, рецензентот Трајче Бјадов пишува дека  ,,иако навидум хетерогена, „Звуци и зраци“ претставува една мотивско-тематска целина, затоа што основен мотив на секоја песна е љубовта, не само на оние со очигледен љубовен мотив”, додека  Академик Митко Маџунков, воочува ,,интересна новина во поезијата на Ристо Маџунков е што насловот често ја има функцијата на прв стих во песната, постапка што не сум ја сретнал на друго место” и дека ,,во поетот Ристо Маџунков созреала потребата да заокружи книга песни, а не да состави само збирка песни, како што обично бидува со сите поетски усилби кои така најчесто и се помнат, по определени песни, а не по обидот да се создаде целина”.

,,Звуци и зраци”, во издание на најстарото македонско книжевно списание ,,Современост”  е осма поетска објава на Ристо Маџунков.

Досега ги објавил ,,Капки” (2023, второ издание), ,,Корени” (2022), ,,Спомени” (2020), ,,Семки” (2019), ,,Вечен збор” (2018, второ, преработено издание), ,,Прашинки” (2017), ,,Капки” (2014, прво издание), ,,Глас во пустина” (1994), ,,Вечен збор” (1992, прво издание).

Ристо Маџунков од 2006 година живее и работи во Торонто, Канада, но редовно престојува по неколку месеци во годината, во родната Струмица и Македонија.

Share via
Copy link