fbpx

Костадинов на увид на завршениот булевар „Братство и Единство“ и ја најави изградбата на новиот пазар

 Костадинов на увид на завршениот булевар „Братство и Единство“ и ја најави изградбата на новиот пазар

Градоначалникот Костадин Костадинов со неговите соработници, претседателот на Советот Марјан Даскаловски и советници, денеска беа на увид на завршениот проект, новиот булевар „Братство Единство“.

-Овој проект го направивме во првата година од нашиот мандат, со новиот булеварски мост којшто веќе е во користење од граѓанките и граѓаните на општина Струмица, новите семафори на крстосницата на булеварот „Климент Охридски“ со улицата „Братство Единство“, новиот кружен тек на крстосницата меѓу улиците „Братство Единство“ и „24 Октомври“ и целосното асфалтирање на улицата „Братство Единство“ што е навистина придобивка многу важна за сите, а беше барање од граѓаните и до мене како градоначалник и до секој советник за реализација на оваа улица.Знаеме дека крстосницата „Братство Единство“ и „24 Октомври“ беше една од најнебезбедните крстосници во градот каде што имавме потреба од регулирање на сообраќајот. Од тука би сакал да испратам една порака до опозицијата којашто критикуваше во однос на изведбата, но денеска сме сведоци, особено граѓаните, дека сите тие лаги и манипулации паѓаат во вода затоа што беспрекорно функционира самиот кружен тек, еве ја од овде и велосипедската патека на улицата „Братство Единство“, продолжуваме и со обележување на самата улица каде што има нов втор слој на асфалт. Сакам да потенцирам дека целиот проект ги чинеше граѓаните близу 61 милиони денари и уште нешто многу важно, тие средства од граѓаните завршија во струмички компании кои се јавија на јавните набавки, ги добија истите и ги реализираа, а тоа е многу важно оти само на тој начин може да ја развиваме локалната економија и при тоа да реализираме важни проекти коишто се во интерес на граѓаните, рече градоначалникот Костадинов.

Тој најави дека ќе се продолжи со истиот интензитет на работа, односно пробивање и асфалтирање на нови улици, нормално со сите предизвици коишто произлегуваат, но најважно од се е оти откажување нема да има.

-Вреди да се напомене за еден од најголемите проекти на општина Струмица, а тоа ќе биде и најголемиот градски пазар, веќе по втор пат е распишана јавната набавка и очекувам дека ќе се јават компании кои ќе дадат понуда која што ќе одговара на условите пропишани од страна на општина Струмица и граѓаните на Струмица ќе добијат нов и современ градски пазар којшто ќе биде и најголем во Република Македонија. Со тоа ќе дојде до растеретување на пазарот Чешел и сакам да ја тргнеме дилемата дали ќе ги иселуваме граѓаните кои функционираат во пазарот Чешел, потенцирам не, се додека не заврши целосната реализација на новиот пазар, додаде Костадинов.

Share via
Copy link