Меѓу загинатите во пожарот во Кочани е младиот струмичанец, Горги Горгиев, тапанар на групата ДНК

 Меѓу загинатите во пожарот во Кочани е младиот струмичанец, Горги Горгиев, тапанар на групата ДНК

-Со неизмерна тага ја примив веста за трагичната загуба на нашиот сограѓанин, Горги Горгиев, кој го загуби својот живот во страшниот пожар во Кочани. Струмица загуби талентиран музичар, пријател и човек со големо срце, кој преку својата музика ширеше радост и емоции.Во овие тешки моменти, моите мисли и молитви се со неговото семејство, најблиските и сите кои го познаваа и сакаа. Нека почива во мир, а неговата музика и споменот за него вечно да живеат во нашите срца, објави градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.

Младиот Горгиев (24) синоќа настапувал заедно со групата ДНК во дискотеката „Пулс“ во Кочани и до пред неколку часови за него се бараа информација во каква состојба е.

Покрај струмичкиот градоначалник, веста за загинувањето на Горги ја потврди и неговиот брат Димитар.

Инаку, градоначалникот Костадинов за денеска попладне повика граѓаните заедно да ја споделуваат болката и тагата за Горги и сита млади кои загинаа во Кочани,

-Нема зборови за утеха, само солзи и неизмерна тага…Тагуваме со мојата Струмица за нашиот струмички ангел Горги Горгиев, за прекинатата младост и неговите соништа…Од 14,30 часот градскиот плоштад во Струмица ќе биде местото каде што заедно ќе може ја споделуваме болката и тагата за нашиот ангел и сите млади луѓе кои ги загубија животите во дискотеката во Кочани, да се молиме за нивните души и за здравје на повредените.Утре од 8 часот во просториите на општинската зграда ќе биде отворена книга на жалост, напиша Костадинов.

Share via
Copy link