fbpx

Отчет на градоначалникот на Општина Василево Славе Андонов за првите 100 дена од мандатот

 Отчет на градоначалникот на Општина Василево Славе Андонов за првите 100 дена од мандатот

Градоначалникот на општина Василево, Славе  Андонов во присуство на голем број свои сограѓани, даде отчет за сработеното во првите сто дена од својот мандат. Како што рече на почетокот на своето обраќање отчетот го дава „достоинствено, отворено, со крената глава, свесен за постигнатото, притоа….максимално почитувајќи ги барањата на граѓаните бидејќи оправданоста на сите активности има смисла единствено доколку ги исполни нивните очекувања. Најави, сериозен, обмислен и плански развој нан општина Василево.

Во продолжение е интегралниот текст од отчетот за реализираното во 100-те дена на чело на општина Василево.

Почитувани сограѓани,

 Достоинствено, отворено, со крената глава, свесен за постигнатото во првите 100 дена од мојот мандат како градоначалник на општина Василево, еве ме  пред Вас подготвен да дадам отчет за сработеното.

Ако денот по утрото се познава, овие сто дена се показател за насоката во која општина Василево почна да се движи. Сериозно, обмислено, плански .

Чекор по чекор во склад со можностите и ставање приоретит на најнеопходното.

И од првиот ден заедно со граѓаните, максимално почитувајќи ги нивните барања и сугестии, бидејќи оправданаста на сите мои активности   единствено има смисла доколку ги исполни очекувањата и барањата на  граѓаните на  општина Василево.

Нивните барања  се и ќе останат најголем предизвик и темел на сите идни планови и програми преку кои ќе го подобруваме секојдневното живеење.

100 дена исполнети со предизвици и обременети од енормно големиот затекнат долг, поради кој е отежнато дури и секојдневното функционирање на локалната самоуправа.

Најголем предизвик со кој се соочив во почетокот на мојот мандат е катастрофалната финансиска состојба, чии последици ќе се чуствуваат подолг период .

Неколку недели по изборите следуваше сериозна можност за исклучување на струјата.

Но како што сите знаете до тоа не дојде како резултат на максималната ангажираност на вработените во општината, кои беа на висина на задачата.

Затекнав долг од преку 80 милиони денари, блокирана сметка од преку 10 милиони денари, што верувам сите ќе се согласите е сериозна сума за општина како нашата.

Опомени и тужби пред извршни наплати за милионски суми станаа секојдневие во нашата општина.

Но за сето тоа постојат институции кои треба да постапат во рамки на своите надлежности, бидејќи тоа народот го очекува.

Кога се има воља и желба за промена на подобро, кога се има енергија и визија резултатите се неминовни.

Почнавме да ги враќаме долговите, повеќето фирми кои ја блокираа сметката на општината, ги исплативме и ветувам овде и денес дека општина Василево во мојот мандат ќе биде општина без блокирана сметка како и што доликува.

И моја желба и определба е овој начин на работа никогаш повеќе да не се повтори.

Граѓаните заслужуваат многу повеќе и многу подобро.

Од првиот ден,  на терен, меѓу граѓаните,  во населените места, со ентузијазам, работно, решавајќи прашања кои се во надлежност на локалната самоуправа.

Проблемите од комуналната сфера, за жал  никогаш не ја губат својата актуелност.

Во соработка со ЈПКД „Турија“ уште од првиот ден ја започнавме битката со депониите, кои беа буквално насекаде околу нас.

Го исчистивме просторот околу детската градинка во Василево, ги исчистивме дивите  депонии  на влезовите од населените места  Сушево и  Нова Маала, како и дивата депонија и гробиштата во с. Василево.

Ја ангажиравме механизацијата на ЈПКД Турија и за чистење на каналите во населените места Седларци, Ангелци и Градашорци од каде се отстранети околу 60 мнаносен материјал, главно кал, тиња и вегетација, со што им ја вративме првобитната намена.

Првобитната намена им ја вративме и на отворениот канал во с. Пиперево и каналот покрај главниот пат во с. Радичево, кои беа уредени со помош на механизацијата и вработените во нашето јавно комунално претпријатие. Заедно со ЈПКД „Турија“, извршивме и проширување на мрежата на атмосферската канализација  во с. Василево, а со својата механизација беа помош и поддршка во ископот и подготовката на базенот во с. Радичево  и расчистувањето и уредувањето на локациите во сите населени места каде по повод верскиот празник Богојавление се вршеше верскиот обред- осветување на водите.

Во населените места  Чанаклија и Дукатино спроведовме активности на порамнување и уредување на улици и земјени површини, а во општинскиот центар Василево една од улиците ја тампониравме.

И сето тоа  користејќи ги  исклучиво сопствените односно капацитетите на ЈПКД „Турија“; Василево.

Локалната патна инфраструктура како еден од најбитните сегменти за нормалното секојдневно функционирање на секој поединец,  периодов,  постојано беше во фокусот на моите активности.

Населеното место Добрашинци доби две новоасфалтирани улици, едната во должина од 100 а другата од 165 метри.  Нов асфалт во должина од 250 метри   поставивме и на пристапниот пат што води до населеното место Нова Маала.  Со скромен буџет, но не помалку важно за граѓаните од овој подогражденски крај беше и крпењето на дупките на патот што води кон Добрашинци.

Во делот на локалната патна инфраструктура тековно работиме на три големи проекти: целосна реконструкција на локалниот пат Ново Владевци-Старо Владевци во должина од околу 2 км.и буџет  од речиси 20 000 000 денари денари, како и  две улици во Василево, едната која беше во несоодветно време почната со изградба поради популистички цели пред изборите од црквата до училиштето Гоце Делчев, во должина од 720 метри и улицата покрај каналот чија должина е 420 метри .

Тековно се одвиваат активностите и на целосната реконструкција на Домот на културата во с. Василево.

Во овој краток период успевме да инвестираме и во образованието. Со бехатон го уредивме дворот на подрачното училиште во населеното место Дукатино, а во централното училиште во Василево каде наставата се одвива во две смени го осветливме училишниот двор. За поквалитетна настава двете основни општински училишта во Василево и Нова Маала добија кабинети по биологија и хемија.

Како посебно важно достигнување во првите сто дена,  во делот на образованието го сметам  моментот на  прифаќањето на жителите од Висока Маала, нивните деца, да посетуваат настава во новоизградениот училишен објект, кој беше изграден и опремен пред околу  шест години, а во кој тие одбиваа да учат.

Како градоначалник и во иднина,  останувам посветено да работам на подобрување на условите во кои се одвива образованието, бидејќи вложувањата во оваа област се инвестиција во иднината на нашите деца и иднината на општина Василево.

Со блокирана сметка, да се одговори на многубројните барањата на граѓаните и да се менаџираат тековните потреби без притоа да се занемари некоја од обврските во рамки на законските надлежности,  за мене е предизвик пред кој сум исправен буквално секој ден.

Средбите со граѓаните, независно дали се средби со поединци или разни облици на здруженија на граѓани, за мене се особено важни.

На мојата работна агенда во изминатите сто дена беа средби со КУД Сушевски бисери, ЛД Фазан од Василево, со претставници на ОО на Црвен крст од Струмица, со викарниот епископ Јаков Стобиски, со претставниците на ЛАГ Беласица -Огражден и Програмата на УСАИД Nort Macedonia за развој на заедницата, со претставници на ЦУК, со координаторот на ТИКА во нашата земја, со тутунопроизводителите на откупните пунктови, со кик боксерот Пепи Велков, со претставник од Независниот синдикат на полициски службеници – Струмица и со сите оние граѓани кои имаа потреба од средба со Градоначалникот.

Мојата врата е секогаш отворена а  позитивните импулси од сите тие средби и разговори со сигурност ќе се рефлектираат во понатамошното успешно работење на општина Василево, како општина на сите нејзини граѓани.

Стоте дена се само почеток и вовед во она што во континуитет ќе се случува во општина Василево, а тоа е работа во функција на доброто на сите граѓани на општина Василево, работа која ќе продуцира развој на населените места и  подобри услови за живот на нашите граѓани.

Во таа насока е и изработката на урбанистичките планови за населените места  Владевци, Ангелци и Градашорци  кои се во завршна фаза, а ќе придонесат за решавање на проблемите во сферата на планското градење и домување.

Изградбата на систем за фекална канализација за населеното место Василево е активност од врвен приоритет која како мое предизборно ветување ќа ја реализирам во текот на мојот мандат.

Во најбрзо време ќе биде распишан јавен повик за субвенционирање на инвертер клими за граѓаните, проект кој исто така беше ветен за време на мојата изборна кампања.

Следниот месец ќе започнеме со изградба на водовод за населеното место Дукатино, како трајно решение за еден децениски проблем за жителите од ова населено место.

Во делот на локалната патна инфраструктура во план е реализација на повеќе проекти меѓу кои:

Асфалтирање  на патот  во с. Радичево до црквата; Асфалтирање на пат од влезот до центарот на с. Добрашинци;  асфалтирање на пат во с. Градашорци од домот на култура до индустриска зона,  Асфалтирање на патот во Дукатино до манастирот Св.Ѓорѓија, Доасфалтирање на патот од Добрашинци до Нова Маала; во Пиперево ќе се асфалтираат две улици, две улици, но со бехатон,  ќе бидат изградени и во Василево, по една улица ќе асфалтираме во населените места Седлрци и Сушево, партерно ќе го уредиме и оплемениме и просторот околу домот на културата во Нова Маала. Во населените места Чанаклија Василево и Висока Маала ќе изградиме повеќенаменски игралишта кои со сигурност ќе влијаат врз квалитетот на животот, посебно на помладите генерации.

Загарантирана поддршка имаат сите традиционални манифастации и настани кои се одржуваат низ населените места на општина Василево, а нема да изостане и поддршката што ја имаат и  двата наши спортски клубови: ФК Василево од Василево и ОК СУшево од Сушево, нашите промотори надвор од општинските граници. Клубови на чии резултати и успеси  сите ќе се радуваме.

Почитувани!

Иднината што ја нудиме е сигурна,  втемелена на доброто планирање и во рамки на реалните можности на општина Василево.

Осмислено, плански продолжуваме понатаму. Секој нов ден, секој нов проблем за мене е предизвик чие решавање ќе значи нова подобра иднина за сите.

Share via
Copy link