„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Разрешен директорот на струмичкиот Завод и Музеј, тој се сомнева во неправилности околу изградбата на Стариот театар во Струмица
Министерката за култура на 10 овој месец го разрешила Ацо Манински од дожноста директор на НУ „Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Струмица“ заради неостварување на програмата за работа на установата, како и работа која не е во согласност со закон и статут и во други случаи предвидени со закон.
На денешната прес-конференција Манински демантираше дека е разрешен заради неостварување на програмата. Според него, проблемите излегле на површина оваа година заради преземените обврски и договори од страна на Министерството околу изградбата на театарот.
-Изградбата на театарот е наметната работа. Тетарот воопшто не е работа на институцијата. Таа ниту има подобен кадар, ниту соодветни луѓе и инфраструктура кои можат да реализираат таков објект. Како и да е наметната е обврската, која не успеало да се реализира од други причини кои ги прифатило Министерството. Изградбата е започната со некомплетен и неквалитетен проект, со многу пропусти и направени договори со кои интересите на институцијата и на државата не се заштитени, истакна досегашниот директор.
Во продолжение додаде:
-Изведувачот е ангажиран да работи без никаква обврска за завршување на изградбата, туку континуирано да зема пари без ралика колку и како се работи. Сведоци бевме дека во изминатите години изведувачот работеше со двајца-тројца работници се градеше театарот и со таква динамика нема да биде завршен. Министерството ги прифатило овие обврски и ги наметнала на институцијата, која не може да направи никаква промена. На пример за да биде казнет изведувачот за неквалитетно работење тој самиот треба да даде согласност, обвинува Манински.
Манински смета дека за неговото разрешување влијаело повикувањето на Државниот завод за ревизија од нивна страна за да се испита колку и како е заштитен интересот на државата.
-Наше сомневање е бидејќи во последните месеци се случија неколку работи во со кои беше укажано дека своја вина имаат Министерството за култура и Министерството за финансии. Сметам дека моето разрешување е плод токму на тие обврски, бидејќи побаравме да дојде Државниот завод за ревизија и побаравме одговорност од двете министерства заради тоа што кога сметката ни беше блокирана низ неа поминаа 5 милиони денари, кои извршителите не ги зедоа и тие останале скриени. Но, изведувачот „Макаус“ успеа да си ги повлече тие средства како сметката воопшто да не е блокирана, рече Манински.
Откако се заканил дека овие неправилности ќе ги соопшти на јавноста, денеска преку електронска пошта му стасало разрешувањето.
Манински ги повика истражните органи да ја разгледат целокупната документација и да утврдат кои били причините за таквата состојба и дека стојат на располагање за увид во целокупната документација.
Инаку, Стариот струмички театар почна да се гради кон крајот на 2014 година и досега повеќе пати беше најавувано дека ќе заврши неговата изградба и ќе биде предаден во употреба.