Регионална кампања „Вистината е важна“ за опасностите кои ги носат дезинформациите и говорот на омраза
Вистината игра клучна улога во зачувувањето на демократијата и општествениот интегритет, а регионалната кампања „Вистината е важна“ (“Truth matters”) е од витално значење за информирање на граѓаните на Југоисточна Европа и Турција за опасностите од дезинформации и говор на омраза, како онлајн, така и офлајн.
Регионалната кампања која ја спроведува Советот за етика во медиумите во Македонија, заедно со шест регионални совети за печат, а е дел од проектот „Градење на доверба во медиумите во Југоисточна Европа: Поддршка за новинарството како јавно добро“, која ги опфаќа земјите од Западен Балкан и Турција, а која е поддржана од ЕУ и УНЕСКО. Проектот има за цел да ја поддржи слободата на изразување во регионот.
Во рамките на кампањата беа изработени две видеа со цел да се информираат граѓаните како можат да постапат доколку тие или некој што го познаваат е жртва на говор на омраза или дезинформации. Исто така, во рамките на видеото се промовира важноста на професионалното и етичкото новинарство за секое демократско општество, особено за заедниците кои се соочуваат со широко распространета медиумска злоупотреба. Во овој контекст, особено беше истакната улогата на саморегулацијата на медиумите и работата на советите за печат во борбата против дезинформациите и говорот на омраза.
Податоците кои укажуваат на тоа дека лажните вести стигнуваат до граѓаните шест пати побрзо од вистинитите вести и дека 73 отсто од нив повеќе веруваат во гласините отколку официјалните информации, се алармантни и бараат итна акција.
Затоа во нашата кампања ставаме акцент на „борците за вистината“ – новинари кои доследно ги следат принципите на етичкиот кодекс, стремејќи се кон интегритет, професионалност и одговорност во новинарството.
Ги повикуваме граѓаните да бидат активни во борбата против дезинформациите и говорот на омраза и да се обратат до Советот за етика во медиумите во Македонија, доколку сметаат и препознаат дека тие или некој друг е жртва на неетичко известување во медиумите, на е-маил адресата: info@semm.mk .