„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Се одржа првата форумска сесија од Буџетскиот форум на Општина Струмица
Со одржувањето на првата форумска сесија, вечерва во новоотворениот Младински центар во општинската зграда започна Буџетскиот форум на општина Струмица 2023/2024 година.
Учесниците на форумот, граѓани, советници, претставници на младинскиот и невладиниот сектор, беа запознати со процесот на буџетирање, структурата на буџетот на Oпштина Струмица, буџетскиот календар и планираните приоритети за развој за наредната 2024 година и учествуваа во изборот на приоритетна програма.
Во своето обраќање градоначалникот Костадин Костадинов истакна дека очекува добри и издржани приоритетни проекти и од овој Буџетски форум.
-Во 2022 година најголема поддршка дадовте на проектот за јавен електричен превоз којшто е и мој најголем приоритет и најголема желба за реализација во овој градоначалнички мандат. Вие ја дадовте поддршката, а ние работиме за што побрза реализација на овој проект. Со одлука на Советот на општината на седницата одржана во март годинава, е формирано Јавното претпријатие „Струмица транспорт“, а потоа беа избрани членовите на Управниот и Надзорниот одбор за контрола на материјално – финансиското работење и интензивно работи на набавката на електричните автобуси. Веќе најавив дека по примерот на Љубљана ќе воведеме струмички кавалер, се работи за електрични возила адаптирани за бесплатен превоз во пешачки зони на стари лица.Останатите два приоритетни проекти беа поставување на фотоволтаици на сите основни и средни училишта и соларен катастар. Работевме и на овие проектни иницијативи. Физибилити студијата за поставување и одржување на кровни фотоволтаици на објекти во сопственост на општина Струмица е изработена и изгласана на 29-та седница на Советот на општина Струмица којашто се одржа на 27 октомври.Паралелно со реализацијата на овие проектни иницијативи во 10-те месеци од оваа буџетска година реализиравме голем број од планираните проекти во општинските програми. Ова е период на носење заеднички одлуки, обезбедување поддршка за идеите и решенијата коишто ги предлагаме за новите предизвици, период на креирање на новиот буџет согласно потребите на граѓаните и можностите на општината, рече градоначалникот Костадинов.
Втората форумска сесија ќе се одржи на 10 ноември.