Браќата Ѓорѓиеви и Љафтов ја засилуваат Струмица за натпреварите во Купот на ЦЕВ
Заев од Струмица:Европската идеја не смее да остане уценета од национализмот
-Ја прашувам ЕУ, од мојата европска Струмица која се граничи со Грција и со Бугарија. Дали ваквиот начин на одлучување во Унијата, при што една земја членка блокира цел регион од крајно ирационални и националистички причини, е механизам со кој се развива европската идеја? Ако не е, а знам дека не е, тогаш променете го начинот на носење одлуки. ЕУ мора да дејствува во сопствена корист, во корист на европската идеја која по дефиниција е либерална, отворена, широка. Европската идеја не смее да остане уценета од национализмот. ЕУ не смее да дозволи национализмот да става вето врз слободата, порача денеска од Струмица поранешниот премиер Зоран Заев на конференцијата што ја организираше фрнцуската амбасада на тема „Суверенитет“.
Тој истакна дека ова е време кога лидерите на ЕУ треба да се одважат по овие прашања и да преземат политичко лидерство – онака како што тоа го правеа основачите на ЕУ.
-Треба да ни е јасно на сите дека доколку основачите на ЕУ калкулираа со сопствените рејтинзи, тогаш ЕУ немаше ни да се создаде. Политичката храброст вреди. Таа е носител на промените. Ете го Договорот од Преспа како доказ дека политичката храброст вреди. Исто така, ЕУ треба да знае дека на православното население од Балканот не му е лесно да застане наспроти православниот руски народ. Ама нашите народи се мудри – ние не застануваме наспроти рускиот народ, туку наспроти воената агресија на Путин врз суверенитетот врз братска Украина, истакна Заев.
Тој се осврна и на престојноото одбележување на 9 Мај, Денот на Европа и Денот на победата против фашизмот.
-Кој можеше да помисли дека во очи 9 Мај, годинава, натпреварот ќе биде кој победува во новиот судир. Европа или Путин? 9 Мај – 2022 година – Денес сите треба да се запрашаме. Чива победа е поголема? Онаа НАД фашизмот или онаа ЗА Европа? Или ќе дозволиме некој да триумфира против Европа? Дали сме за воена агресија или за културен натрпевар меѓу народите? За Путин или за Делчев? За агресија или за европски слободи? Имаме само еден избор и мораме да го направиме тој избор. Нема неутралност по овие прашања.Бидете уверени дека 9 Мај годинава ќе биде употребен за пропаганда. Апелирам – сите ние, секој од нас, да се држиме цврсто до нашите европски постулати – 9 Мај е нашата црвена слободарска база – на 9 Мај Европа го порази фашизмот – на 9 Мај годинава да останеме со кренати глави – да не дозволиме агресијата да ни го земе 9 Мај, уште еднаш порача Заев.
На настанот говореше и амбасадорот на Франција, Сирил Бомгартнер, кој се осврна на спроведувањето на санкциите од ЕУ кон Русија, но и нивното влијание врз земјите кои ги спроведуваат санкциите.
Покрај него пред пристуните се обрати и професорот Никола Дујовски, Ив Бертончини, претседател на Европското движење во Франција, Милева Ѓуровска, Европското движење во Северна Македонија и Симонида Кацарска, Директор на Институт за европска политика – Скопје,а присутните ги поздрави градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, кој денеска му беше домаќин на францускиот амбасадор и оствари средба со него.