„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Одбележана 18-годишнината од загинувањето на претседателот Трајковски
Со пригодна свеченост пред споменикот „Македонија“ во големиот градски парк, денеска, општина Струмица ја одбележа 18-годишнината од загинувањето на претседателот Борис Трајковски.
Во знак на почит, свежо цвеќе пред споменикот положија претставници на семејството Трајковски, министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, државниот секретар во Министерството за локална самоуправа Кирил Парталов, претседателот на Советот на општина Струмица Марјан Даскаловски и членови на истиот, претставници на политички партии и граѓани.
За животот и делото на Трајковски зборуваше претседателот на Советот на општина Струмица, Марјан Даскаловски.
-Иако јавноста на различни начини ја коментираше неговата работа, факт е дека Борис Трајковски работеше со чесни намери да и помогне на државата и на нејзините граѓани. Тоа тој го правеше со нагласена енергија, верба во успех и со многу љубов. Остана верен на својот препознатлив стил со кој манифестираше ведрина, топлина, срдечност и беспрекорна ширина во своите погледи и ставови. Без разлика дали се среќаваше со високи светски државници ширум или со обични граѓани, Борис Трајковски остануваше секогаш Борис Трајковски. Стоеше исправено и пред најголемите искушенија со кој се соочуваше татковината. Божјиот човек, трпеливо и добродушно се справуваше со сите бариери кои се наоѓаа пред него. И тогаш кога низ светот требаше да се најдат вистински пријатели за евро-атлантското интегрирање на Македонија, и тогаш кога воениот конфликт и се закануваше на земјата дека ќе ја фрли во амбис, секогаш, ама баш секогаш наоѓаше сили да биде голем пред големите предизвици. Им простуваше на сите што го напаѓаа, ги ползуваше сите можни придобивки од позитивната дипломатија, но се чини беше најголем како творец на Рамковниот договор со кој му стави крај на меѓуетничкиот конфликт, рече Даскаловски.
Во рамки на одбележувањето на годишнината од смртта на Трајковски беше изведен и рецитал.