УШТЕ ЕДНА КРИЗА НА ПОВИДОК Електрификацијата ќе запре, ако не се инвестира во рудници за бакар
Почна изградбата на првиот булеварски мост во Струмица

Општина Струмица почна со изградба на најголемиот и најмодерен мост на реката Водочница на трасата на булеварот „Братство Единство“ во урбаниот дел од градот. Мостот на река Водочница е прв булеварски мост кој ќе биде изграден во историјата на Струмица, вреден 30 милиони денари, средства обезбедени од буџетот на општина Струмица.
Според градоначалникот Костадин Костадинов, мостот „Обединување“ е најзначајниот проект за отворање ново грло во градот и развој во тој дел и основа за реализација и на новиот градски пазар кој е во фаза на проектирање.
-Мостот е со должина од 15 метри на еден распон и ширина од 23 метри, односно, булеварско решение со две посебни коловозни сообраќајни ленти од по 7,5 метри, тротоари од двете страни по 3 метри и среден слободен простор помеѓу двата коловоза од 2 метри. Реализацијата на овој сериозен капитален проект е во вредност од 30.000.000 денари и целосно е финансирана од буџетот на општина Струмица, а рокот за изведба е една година, информира струмичкиот градоначалник.
Изградбата на овој мост е од големо значење за Струмица, бидејќи истиот претставува предуслов за изградба на булеварот „Братство Единство“, булевар кој што е дел од мојата предизборна програма.
Исто така со реализацијата на овие два проекти, ќе се овозможат услови за отпочнување на реализација на проектот – нов пазар во овој дел од градот, за кој што во моментот општина Струмица е во постапка на изработка на проект и комплетирање на целокупна проектно техничка документација.