fbpx

Наградата за високо актерско остварување „Ристо Шишков“ за Дарија Ризова

 Наградата за високо актерско остварување „Ристо Шишков“ за Дарија Ризова

Актерката Дарија Ризова е триесеттиот лауреат на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“, кој се одржа од 8 до 13 овој месец.

Таа ја доби наградата за најдобро актерско остварување на јубилејното издание на Фестивалот за улогата на Маша во претставата „Нема да биде крај на светот“ по текст на Аднан Лугониќ, во режија на Нина Николиќ, копродукциска претстава на Македонскиот народен театар, Перипетија продукција-Скопје и Сараевскиот воен театар САРТР- Сараево.

Одлуката на жири комисијата ја соопшти претседателката Звездана Ангеловска, која заедно со членовите Нико Горшиќ и Петар Арсовски ја оценуваа актерската игра на годинашниот фестивал.

Наградата на Ризова и ја врачи претседателот на Советот на општина Струмица, Марјан Даскаловски. Таа се состои од златен медалјон со ликот на Ристо Шишков и паричен износ од 1.500 евра.

Жирито им додели специјални награди на актерите Фаик Мефаиловски, Огнен Дранговски и Илина Чоревска, режисерот Васил Христов и на претставата „Злосторство и казна“ во изведба на Драмски куклен тетар од Враца, Бугарија.

Завесата на годинашното фестивалско издание беше спуштена со балетската претстава „Болеро“ од Морис Равел во кореографија на Саша Евтимова во избедба на Македонската опера и балет, одиграна во чест на наградената Дарија Ризова.

Share via
Copy link