fbpx

Етички стандарди во новинарството: Работна средба на ЗНМ со медиумските работници од Струмица и Велес

 Етички стандарди во новинарството: Работна средба на ЗНМ со медиумските работници од Струмица и Велес

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) организираше средба со новинари и медиумски работници од регионалниот центар на ЗНМ од Струмица. На настанот присуствуваа новинари и сниматели од локални и регионални медиуми од Велес и Струмица, кои дадоа свој придонес во дискусиите за современите предизвици и етичките стандарди во новинарската професија во пресрет на изработка на новиот Етички кодекс.

Драган Секуловски посочи дека од особена важност е да има дебата и да се разговараме за предлог-иницијативите за промена и прилагодување на Етичкиот кодекс на новинарите:

,,Овој процес е од големо значење бидејќи ни дава можност да ги усогласиме нашите принципи со современите предизвици на новинарството, вклучително и брзиот технолошки напредок и новите форми на комуникација”  истакна Секуловски.

Координаторот на регионалниот центар на ЗНМ од Струмица, Ристо Тасев, ја потенцираше важноста на непосредната комуникација со новинарите од локалните средини и посочи дека состојбата со новинарството во овој регион е загрижувачка и алармантна:

„Сметам дека потребно е постојано да ги актуелизираме прашањата кои се значајни за новинарската заедница и јавниот интерес на локално ниво, како и важноста на прилагодување на новинарскиот кодекс во чекор со развојот на модерните технологии“, истакна Тасев.

Билјана Петковска од МИМ, членка на работната група за измени на Кодексот, го нагласи значењето на сегашниот Кодекс, изработен во 2001 година и истакна дека со развојот на дигиталната сфера, новите технологии и вештачката интелигенција, природно е одредени одредби од тој Кодекс да се прилагодат на новото време.

„Важно е да се потенцира дека и унапредувањето на медиумската писменост кај граѓаните и примената на професионалното и етичкото новинарството се подеднакво важни со цел квалитетното информирање на граѓаните за сите прашања од јавен интерес“, нагласи таа.

Сефер Тахири, член на работната група, потенцираше дека унапредувањето на новинарските стандарди е важна тема во новинарството. Идејата на овие состаноци и промената на кодексот е да се адресираат предизвиците со новите текови и дигитализацијата во овој контекст:

,,Јас мислам дека едни од најважните аспекти кои треба да се вметнат во кодексот се влијанието на политиката и влијанието на бизнис центрите кон новинарството. Малку зборуваме за ова во нашите редови, а сметам дека времето за овие теми е сега”, истакна Тахири. 

Огнен Јанески, претседател на Советот на честа, посочи дека тргувањето со влијание и вештачката интелигенција како теми мора да ги таргетираме и потребно е да се вметнат во кодексот на новинари:

,,Ние мора да ги направиме овие работи веднаш, но сметам дека не треба да се става се во кодексот за да не го обремениме како документ за да не створи одбивност од јавноста”, посочи Јанески.

Леунора Калиќи, претседателката на управниот одбор на СЕММ потенцираше дека етичките стандарди се темел на довербата во медиумите и основа за зачувување на интегритетот на новинарската професија:

,,Во време на брзи технолошки промени и постојани предизвици, неопходно е етичките кодекси да се адаптираат на новите реалности, без да се загрози нивната суштина и вредностите кои ја дефинираат професијата. Секој чекор кон зајакнување на овие стандарди претставува инвестирање во кредибилитетот на медиумите, нивната одговорност како чувари на вистината и јавниот интерес, и нивната улога како непоколеблив столб на демократското општество“, стакна Калиќи. 

Средбата беше дел од пошироката иницијативата на ЗНМ во соработка со МИМ и СЕММ за изработка на нов Етички кодекс за новинарите, со цел тој да одговори на динамичните промени во медиумската сфера. Новинарите ги споделија своите размислувања, искуства и препораки, кои ќе бидат интегрирани во предлозите за новиот кодекс. Слични средби ќе следат и во останатите регионални средби на ЗНМ а предлог  новиот етички кодекс се очекува да биде изработен на пролет.

Share via
Copy link