„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Влада: Утврден Закон за финансиска поддршка за исплата на платите за месеците октомври, ноември и декември 2020 година од Ковид економските мерки
На денешната 14-та седница на Владата на Република Северна Македонија утврден е Предлог на Закон за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено економската криза предизвикана од вирусот КОВИД-19, заради исплата на платите за месеците октомври, ноември и декември 2020 година.
Со овој закон, се уредуваат условите и постапката за добивање на финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот КОВИД-19, заради исплата на платите на работниците за месеците октомври, ноември и декември 2020 година.
На предлог на Министерството за финансии, денеска е утврден и предлогот за Закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, кој исто така како и Предлог законот за финансиска поддршка на работодавачите е дел од Пакетот 4 за справување со економската криза предизвикана од вирусот КОВИД-19.
Со денот на влегувањето во сила на измените и дополнувањата од Законот за данокот на додадена вредност од 1 јануари ќе се изврши ослободување од данок на додадена вредност за донации дадени кон буџетски корисници за справување со коронавирусот КОВИД-19. Исто така ќе се одложи рокот за плаќање ДДВ заради ликвидносна поддршка на компаниите.
Заради олеснување на процесот на издавање, пренос и прием на фактура, ќе се даде можност за користење на фактура во електронска форма (pdf или друг електронски формат).
Од 01 јануари 2021 година, се пропишува одредба за примена на повластена даночна стапка од 10% за продавањето храна и пијалаци за консумација на лице место и кетеринг услуги, со исклучок на алкохолни пијалаци.
Исто така од 01 јануари 2021 година, се пропишува одредба за примена на повластена даночна стапка од 5% за определени занаетчиски услуги коишто се вршат од страна на занаетчии коишто се запишани во занаетчиски регистар.
Денеска се прифатени и дополнувањата на Уредбата за начинот на организирање и реализирање на наставата во вонредни околности во основните и средните училишта, согласно кои, во случај на влошување на епидемиолошката состојба, проверувањето на постигнувањата на учениците ќе може да се врши и без физичко присуство на учениците, според упатствата за спроведување на проверка на постигнувањата на успехот на учениците без физичко присуство, изготвени страна на Бирото за развој на образованието и Центарот за стручно образование и обука.
На оваа своја седница Владата донесе одлуки за именување директори, в.д. директори и членови на Управни одбори на повеќе јавни претпријатија и акционерски друштва во сопственост на Владата на Северна Македонија.