fbpx

Босилово бара помош за санирање на оштетен мост кај Секирник, директорот на ЦУК Ангелов на увид

 Босилово бара помош за санирање на оштетен мост кај Секирник, директорот на ЦУК Ангелов на увид

Денеска, директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, на покана на градоначалникот на Општина Босилово, Ристо Манчев, го посети мостот во атарот на село Секирник на реката Струмица којшто е видливо оштетен, во лоша состојба и претставува опасност за тие што го користат.

Според Ангелов, еден од носечките столбови кој ја држи конструкцијата е паднат и со тоа стабилноста на мостот е значително нарушена.

-При движење преку мостот можат да се почувствуваат силни вибрации. Повеќе од очигледно е дека овој мост не е безбеден и затоа препорачуваме на Општина Босилово да ангажира стручни лица за да ја испитат стабилноста на мостот и ќе утврдат дали може да се санира или целосно треба да биде затворен и да се изгради нов мост. Како ЦУК препорачуваме на Општина Босилово да го затвори за движење овој мост затоа што за нас безбедноста на луѓето е на прво место, стои во изјавата на директорот Ангелов.

Градоначалникот Манчев изјави дека Општината денеска испратила барање до ЦУК и Владата за санација на мостот.

-Станува збор за мост кој е во надлежност на локалната самоуправа, но заради ограничените можности на Општината бараме поддршка и од Владата како би можеле во иднина да изградиме мост кој е многу важен за локалното население, рече Манчев.

Иако патот не е асфалтиран преку мостот е поврзана обработлива земјоделска површина од околу 50 хектари.

Share via
Copy link