„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Општина Струмица ќе им помога на трговците од „Глобал“ околу проценката на штетата од пожарот
Општина Струмица со сите ресурси е ставена на располагање за помош на сопствениците и корисниците на деловните објекти кои претрпеа штети од пожарот во Трговскиот центар „Глобал“.
По вчерашното формирање на Координативното тело со претставници од релевантни општински и државни институции, денеска, Општинската комисија за проценка на штети од елементарни непогоди, ги стави на располагање сопствените знаења и искуства во проценката на штетите предизвикани од пожарот.
Во салата на Советот на општина Струмица се одржа средба меѓу сопствениците и корисниците на деловните објекти и секретарот на општина Струмица Александар Оџаков, претседателот на Општинската комисија за проценка на штети, Ацо Ѓоргиев и членот на истата комисија, Васил Крстев.Сопствениците и корисниците беа детално информирани за спроведување на законската постапка за поднесување барање за финансиска помош од државата.
Според единствената методологија за проценка на штети од елементарни и други непогоди, правните лица сами ја проценуваат штетата формирајќи сопствена комисија. Пополнетите формулари ги доставуваат до Општинската комисија која како збирен извештај го доставува до Советот на општина Струмица и по неговото усвојување ќе биде доставен до Републичката комисија за проценка на штети, а ќе биде даден на разгледување и во Бирото за судски вештачења.
Општина Струмица им отстапува една просторија во општинската зграда на сопствениците и корисниците каде што ќе можат заедно со членовите на Општинската комисија, точно и навреме да ги пополнат формуларите.
Проценката на штетите ќе се одвива на три нивоа и тоа, проценки на штети на објекти, на основни средства и на трговска стока.