„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Пријавете повреда на избирачкото право на бесплатна телефонска линија кај Народниот правобранител
Во канцеларијата на Народниoт правобранител на денот на предвремените парламентарни избори во периодот од 7:00 до 21:00 часот ќе функционира беслатната телефонска линија: 0800-54321, на која граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на избирачкото право.
Од прес-службата на Народниот правобранител соопштија дека отворени за граѓаните ќе бидат сите седум канцеларии на Народниот правобранител и тоа во Скопје, Битола, Кичево, Куманово, Струмица, Тетово и Штип, со цел да им се помогне во остварувањето и заштитата на нивните избирачки права.
Покрај на бесплатната линија, граѓаните ќе можат за заштита на своите права да се јават и на следниве телефонски броеви: Тетово: 044 344-082, Струмица: 034 329- 996, Кичево: 045 228-586, Битола: 047 242-310, Штип: 032 389-701 и Куманово: 031 431-488.
– Народниот правобранител, правата на граѓаните ќе ги штити со преземање на итни мерки за ефективно постапување од странa на надлежните органи во изборниот процес и другите институции кои се должни да им обезбедат заштита на нивните загарантирани права, соопштија од прес-службата.
Народниот правобранител потенцира дека избирачкото право е уставно загарантирано како еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање и дека никој не смее да биде повикан на одговорност заради остварување на ова право, а повредата на слободата на определување на избирачите и другите повреди на избирачкото право се казниви дела.
Народниот правобранител апелира до сите чинители во изборниот процес да ги почитуваат здравствените протоколи утврдени за начинот на гласање.