fbpx

Д-р Филипче од Гевгелија: Како пратеник ќе останам достапен за грижите, но и за идеите на граѓаните

 Д-р Филипче од Гевгелија: Како пратеник ќе останам достапен за грижите, но и за идеите на граѓаните

Дочекан со аплаузи и овации, носителот на листа на Изборна единица 4, д-р Венко Филипче го отвори централниот караван за парламентарните избори на СДСМ и Коалицијата за европска иднина кој попладнево започна во Демир Капија и Гевгелија.

Во своето вечерно обраќање во Гевгелија д-р Филипче говореше за своите лични заложби како пратеник во Собранието и вети дека како претставник на граѓаните во идното Собрание ќе остане достапен за нив, за нивните грижи, маки, но и идеи и предлози.

„Јас како лекар и неврохируг знам колку е важно да им бидеш достапен на граѓаните кога им треба. А така треба да биде и во политиката. Контактот со граѓаните и грижата за нивните проблеми не смее да заврши на денот кога ќе завршат изборите“, рече Филипче.

Тој додаде и дека како лекар не прави разлика меѓу луѓето од различна етничка, религиозна или политичка припадност, а така ќе се однесува и во политиката. „Бидејќи пред сè сме луѓе, па потоа сè друго“, потенцираше д-р Филипче.

Тој пред присутните граѓани и симпатизери се осврна и на сработеното во последните 7 години и рече дека политиките кои ги водеше СДСМ се дефиниција за лидерство и патриотизам.

„Го вложивме секој денар за да ги поддржиме семејствата и компаниите во економската криза. Го вложивме секој атом енергија да ги лечиме и спасуваме луѓето во Ковид кризата. Ги донесовме сите мерки да ги намалиме трошоците на родителите да имаат повеќе за своите деца. Ние со дигната глава можеме да кажеме дека СДСМ водеше исправни политики во интерес на сите граѓани во услови на светска дестабилизација. Тоа е дефиниција за лидерство и патриотизам.“, порача Филипче.

На крајот од своето обраќање носителот на Изборна единица 4 Венко Филипче истакна и дека СДСМ има чесна понуда и нуди јасна визија за иднината во која Македонија економски расте во Европската унија и иднина во која оние кои заминаа ќе сакаат да се вратат во оваа држава која ќе нуди еднакви услови како развиените земји.

„На сите оние кои можеби решиле да се пасивизираат или се незадоволни. Сега е време за размислување со ладна глава, бидејќи одлуките денес имаат големи последици на иднината. СДСМ е партијата која секогаш е на вистинската страна на историјата, која и кога греши не скршнува од вистинскиот пат. Затоа повикувам на масовно обединување кое значи само подобра иднина и сигурен пат напред. А јас, Венко Филипче, лично ветувам дека во мене секогаш ќе имате партнер и другар а мојата врата ќе биде отворена за сите“, заклучи Филипче.

Share via
Copy link