fbpx

Дигитален земјоделски инженер за помали трошоци и поголеми приноси на храна

 Дигитален земјоделски инженер за помали трошоци и поголеми приноси на храна

Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје (ФЗНХ) организираше Конференција и панел дискусија на тема „Дигитализација во земјоделството – Предизвици и можности за македонскиот земјоделско – прехранбен сектор”. Повод за одржување на конференцијата е отворање нова интердисциплинарна студиска програма по Дигитално земјоделство.

На конференцијата, научната мисла и идеја, преку дискусиите на присутните претставници на неколку образовни институции, на бизнис секторот и на експерти од Хрватска и Словенија, сe соочи со практичното искуство како да се прилагоди студиската програма и да се одговори на барањата на реалниот сектор.

Конференцијата ја отворија професор д-р Миле Маркоски, декан на ФЗНХ и професор д-р Лазо Пендовски, проректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

“Конференцијата е уште еден показател за успешна имплементација на современите трендови во образованието и креирањето на современи земјоделски инженери. Програмата за дигитално земјоделство е развиена по принцип на интердисциплинарни студии, односно идните студенти, покрај предмети од земјоделските науки и храната, ќе следат и предавања од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) и Машинскиот факултет (МФ). Заедничкиот придонес од нашите образовни институции ќе создаде модерен земјоделски инженер, чиј ангажман во стопанството ќе помогне да се намалат трошоците на производството, ќе се зголемат приносите на квалитетна и безбедна храна, односно ќе се зголеми извозот и нашето земјоделство ќе ја врати конкурентната позиција на странските пазари“,  вели проф.  д-р Миле Маркоски, декан на ФЗНХ – Скопје.

Проректорот на УКИМ, проф. д-р Лазо Пендовски ја истакна важноста од отворање на новата студиска програма на универзитетот, кое е нејзиното значење за современиот развој на земјоделството и која е улогата на стручните кадри кои ќе бидат подготвени веднаш да се вклучат на пазарот на трудот.

„Во земјава, земјоделството учествува со околу 9% во БДП и вработува значителен број на работна сила. Верувам дека со отворање на новата програма ќе се зголемат можностите да се привлечат нови млади студенти кои својата иднина ја гледаат во нашата земја и ќе работат на современ развој на нашите потенцијали за производство на храна. Како најголема универзитетска организација, задоволство е што ФЗНХ, ФИНКИ, ФЕИТ и МФ успешно развија програма која во следните години ќе ги стави македонските компании повисоко на мапата на земјоделски развиени држави. Овие промени ќе промовираат производство на уште поквалитетна храна во нашата земја, реализација на зелената економија која промовира развој на технологија, ги зголемува приносите, а го намалува штетното влијание врз животната средина“, потенцира Пендовски.

Како да се одговори на предизвиците и полесно да се применат решенијата кои се покажале како успешни во Хрватска објасни проф. д-р Зденко Лончариќ од Факултетот за агро-биотехнички науки „Јосип Јурај Штросмајер“, Универзитет во Осијек.

„Стратегијата за земјоделство на Република Хрватска и вклучувањето во дигитализацијата на ниво на ЕУ, се добра основа за дигитализација на земјоделството во Хрватска. Од друга страна, сопственичката структура со мал дел на фарми кои имаа поголеми површини, повеќе од 100 ha (само 30% од површината) и голем број на стопанства со површини помали од 20 ha (94% од земјоделците), се голем предизвик за дигитализација на земјоделството и руралните средини во Хрватска. Затоа веруваме дека ќе бидат неопходни образовани и обучени агрономи, кои всушност се одлучувачкиот фактор за успех на дигитализација на земјоделството и истовремено на руралните средини“, изјави проф. д-р Лончариќ.

За професор д-р Розалија Цвејиќ од Биотехничкиот факултет во Љубљана, македонските институции се на почеток на процесот и со отворање на оваа студиска програма, значајно би се унапредил земјоделско-прехранбен сектор во земјата.

Бизнис секторот ја поздрави иницијативата, потенцирајќи дека ова е значајно потребен кадар во производството на квалитетна и ценовно конкурентна храна. Преку сопствени примери, со употреба на дигитализација и експертиза во областа на информатичките технологии, ја објаснија поголемата економичност, зголемените приноси и производството на квалитетна и безбедна храна.

Новата студиската програма за Дигитално земјоделство на ФЗНХ е развиена со поддршка од Владата на Швајцарија преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ), спроведена од групацијата Паладиум, Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) и Постојаната работна група за регионален рурален развој (ПРГ РРР). За успешно реализирање на студиската програма клучна е новотворената Лабораторија за дигитално земјоделство, која ќе се користи при наставата, за потребите на истражувачката дејност, како и во функција на соработката со бизнис секторот и институциите.

„Дигитализацијата е неопходен процес за осовременување и зголемена конкурентност на агробизнисите. Новата студиска програма за дигитално земјоделство ќе обезбеди интензивно запознавање на земјоделските инженери со информатичката технологија и користење на дигитални решенија и алатки кои се применуваат за прецизно и напредно земјоделство, базирано на податоци и знаење. Програмата е развиена со швајцарска поддршка, користејќи европски и регионални примери, во целосна соработка и согласно потребите на агробизнис секторот. Стручните кадри кои ќе произлезат од неа ќе имаат клучна улога во модернизација и развој на земјоделскиот сектор во државата“, изјави Горан Дамовски, тим лидер на Швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ.

Share via
Copy link