fbpx

Костадинов и официјално градоначалник на Струмица, врачени уверенијата на новите советници

 Костадинов и официјално градоначалник на Струмица, врачени уверенијата на новите советници

Денеска претседателката на Општинската Изборна Комисија за Струмица, Снежана Паљошкова им ги врачи решенијата на новиот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов и на 23 советници.

-Денес, со овој чин официјално станувам Градоначалник на Општина Струмица, објави новиот градоначалник.

-Денес, започнува мојата зацртана мисија.Денес, почнуваме со работа, Општина Струмица да оди напред, посветена на сите вас, како нејзини жители.Драги cтрумичанки и cтрумичани,Ви благодарам за вашата одлука на овие локални избори да го дадете вашиот глас.

Големо благодарам на сите вам кои ја препознавте мојата искрена намера и желба да го дадам најдоброто од себе, најдоброто од мојот тим, за најдобрата верзија на нашата Oпштина Струмица.Тоа што веќе го потенцирав, почнувам да работам и да ви служам, верно, чесно, домаќински… онака како што ме учеле и воспитувале и онака како што знам дека треба.

Јас ја добив вашата доверба и ветувам дека ниту ќе дозволам, ниту пак ќе може некој да си поигра со неа. Со слух за вашиот глас, со енергично и динамично темпо, преку чесна и транспарентна работа ни претстои период во кој ќе демонстрирам дека визијата која нѐ водеше во изминатиот период не е само теорија, на хартија, туку реалност.

Затоа, пред сите вас, граѓаните и жители на Струмица заедно со населените места ветувам ‐ од срце, за Струмица!, напиша Костадинов.

Уверинија им беа врачени и на новиот состав на Советот. Носителот на листата на СДСМ, Марјан Даскаловски рече:

-Уште еднаш им благодарам на граѓаните кои гласаа и го дадоа својот глас за таа опција за која мислеа дека подобро ќе го води градот.Најпрвин сакам да му честитам на новиот градоначалник, Костадин Костадинов и да му посакам успешна и плодна работа. Им честитам и на сите советници во овој состав кој го добија мандатот од граѓаните на Општина Струмица и сакам да кажам дека еден поранешен и сегашен советник од опозицијата рече дека претседателот не сака многу политика во Советот. Им порачувам дека политики ќе нема во советот, повеќе посветена и одговорна работа и сите заеднички ќе носиме одлука за доброто на сите граѓани, изјави Даскаловски.

Носителот на листата на советници на ВМРО ДПМНЕ, Никола Маџунков изјави дека ќе бидат конструктивна опозиција во Советот.

-Сакам да се заблагодарам на сите граѓани на општина Струмица што не поддржаа и го дадоа својот глас. Сакам да се заблагодарам и на тие што не не поддржаа и тие што не излегоа. Како опозиција се надеваме на конструктивна и позитивна работа со другите советници и сакам исто така да им честитам на сите советници, како и на градоначалчникот и ќе се трудиме во интерес на граѓаните и Општина Струмица да бидеме што поконструктивна и позитивна опозиција, рече Маџунков.

Во состав на советот СДСМ има 13 советници, ВМРО ДПМНЕ-9 и едно советничко место има листата „Стига е“.

Share via
Copy link