fbpx

Струмица ќе се збратимува со бугарскиот Крџали

 Струмица ќе се збратимува со бугарскиот Крџали

Европратеникот и известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук денеска престојуваше во работна посета на општина Струмица и ја предводеше повеќечлената делегација од соседна Бугарија во која беа и градоначалникот и претседателот Советот на општина Крџали и нивните заменици, како и советници од општините Благоевград и Хаџидимово.

На средбата со градоначалникот Костадин Костадинов, претседателот на Советот Марјан Даскаловски и неговите соработници разговараа за за европските перспективи и можностите за соработка помеѓу општините.

-Чест за сите струмичани е што денеска наш гостин е европратеникот и известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук со неговата делегација, во која е и мојот колега од општина Крџали, Република Бугарија, но и советници од Благоевград и Хаџидимово. Разговаравме за иднината, за можностите, за предноста на мултиетничката димензија на една општина, да се споделуваат различни вредности, бидејќи различностите се убавината на еден град и тоа може единствено да не спојува како народи. Во центарот на разговорите беше иницијативата за збратимување на општините Струмица и Крџали, а особено радува фактот што тоа можеме да го крунисаме во Брисел под покровителство на европратеникот Илхан Ќучук. Тоа ќе биде прекрасна порака до двата народи дека треба да размислуваме за иднината, за развојот и прогресот на нашите општини, рече градоначалникот Костадинов.

Европратеникот Илхан Ќучук рече дека соработката ќе отвори дополнителни можности за комуникација и перспективи меѓу двете општини.

-За мене е посебно задоволство што денеска во Струмица гледаме двајца многу активни и прогресивни градоначалници на општините Струмица и Крџали, две мултиетнички општества и како што кажа градоначалникот Костадинов, различностите треба да водат кон единство, тоа е суштината на Европската Унија и јас како европратеник и известувач работам кон тоа, бугаркото и македонското знаме да стојат заедно до европското знаме. Верувам во иднината, во просперитетот, тоа се добри примери кои ќе отворат дополнителни можности за комуникација меѓу двете општини, рече Ќучук.

И градоначалникот на Крџали го потенцираше задоволството од посетата на Струмица и создавањето можности за збратимување на двете општини.

Share via
Copy link